Слива, кајсија и ориз (6+)

На почетокот кога започнувате да му давате цврста храна на вашето бебче, многу е веројатно дека може да му се појави констипација. Детето кое претходно какало редовно секој ден, може да се случи да нема каке дури и 5-7 па кај некои бебиња кои се на доење дури и 10 дена. Тоа е сосема нормално, и се нормализира 2-3 недели после воведувањето на цврста храна. Малите црева едноставно не се научени и потребно им е време на адаптација. Но, доколку детето има грчеви и чувствувате дека му е тешко поради тоа, пробајте да му дадете кашичка со слива која ја забрзува перисталтиката и ќе му помогне на бебето да се олесни.

Сливи се одлични да се воведат на почеток затоа што не спаѓаат во групата ризични и алергени овошја.

Сливите одлично се вклопуваат во детските кашички, но проблем е што ги нема цела година иако суви можат да се најдат во скоро сите маркети ама ретко кои се без конзерванс и додатоци.

За да ги имаме во било која годишна доба, мајка ми ни подготвува компоти и тоа наједноставни на цел свет. Ги правеше порано за мене, но сега одлично ми се вклопуваат и во бебешкото мени за Ана затоа што немаат конзерванси, шеќери и никакви додатоци. Дури и водичката од нив е одлична. Некогаш и ставам во шише да пие, иако преферирам да и давам само вода, сепак знае да се залаже со голтка две.

За подготовка на компотот мајка ми користи само овошје (сливи) и вода. Едноставно ги чисти сливите од семките, ги става во тегла, додава вода, ја затвара теглата и ја врие во тенџере со малку вода. Ние ова го правиме со многу овошки, со праски, кајсии, аронија, капини, малини, јагоди. Никогаш мајка ми не додавала шеќер. Вака подготвен компот е одличен за хидратација и може и вас супер да ви се вклопи во смути, овесна каша или пак едноставно да ви биде вкусна ужинка.

Кога ги има овошките во сезона можете да им подготвите на децата во мали теглички и да имате цела година.

Секако дека овошјето свежо е најдобро, но сепак ова е една одлична варијанта како би можеле да го зачувате и да го имате цела година.

Сега да прејдеме на кашичката.

Состојки:

  • 1 слива – од компотот со многу малку течност
  • 1 кајсија
  • 1 лажица мелен ориз (најобичен кочански ориз, го мелам во блендер и таков го користам) – го варам на тивко со 150 ml вода – готов е за помалку од 5-6 минутки

Подготовка:

Кога ќе се свари оризот го ставате во блендер заедно со сливата и кајсијата. Мешате кратко дури не се соедини.

На здравје бебенце!

Драгана Младеновска

Магистер по фармација, Аеробик и Пилатес инструктор. Зависник од здрава исхрана и експериментирање во кујната.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *