Што се случува со телото ако го намалите внесот на јаглехидрати?

Што се случува со вашето тело доколку во организмот внесувате минимално количество на јаглехидрати? Секоја промена во исхраната, во телото доведува до низа промени кои понекогаш влијаат поволно на здравјето, но некогаш не.

Дали исклучување на јаглехидратите од исхраната е добро за вашето здравје? Прочитајте во продолжение…

Многу типови на исхраната ги исклучуваат јаглехидратите од менито, таква е кето исхраната (прочитајте повеќе за овој тип на исхрана), хроно исхраната која ги дозволува јаглехидратите само наутро (прочитајте повеќе за овој тип на исхрана) и уште многу други.

Сепак кој начин на исхрана и да го следите најбитно е храната која ја внесувате да биде нутритивно вредна и сиромашна со заситени масти и прости шеќери. Свежиот зеленчук е тој кој треба секогаш да преовладува во дневното мени и секако овошјето, но со него треба да бидеме внимателни затоа што сепак содржи шеќери.

Можеби ќе ве интересира:

Дали знаете колку шеќер има во вашето омилено овошје?

Кои 5 овошки содржат најмалку шеќер?

Што ќе се случи со вашето тело ако драстично го намалите внесот на леб, бели пецива, компири, ориз, слатки, чоколади и сл.?

Ќе започнете да согорувате повеќе масти

Јаглехидратите се први нутритиенти кои се разградуваат после оброкот, меѓутоа кога организмот не добива доволно енергија од нив, односно во случаи кога ќе ги исклучиме или намалиме од исхраната, телото започнува процес во кој од мастите и протеините произведува енергија. Сето тоа предизвикува мобилизација на мастите од масното ткиво и нивна разградба.

Доколку го намалите внесот на јаглехидрати и сето тоа го комбинирате со соодветна физичка активност и со доволен внес на растителни влакна, квалитетни масти и протеини, тогаш тоа е добитна комбинација за слабеење и намалување на масното ткиво.

Нормализација на нивото на шеќер во крвта

Намалување на внесот на јаглехидрати во исхраната влијае многу поволно на нормализирање на нивото на глукоза во крвта. Тоа е особено значајно за луѓе кои имаат веќе дијабет, но и за оние кои имаат предиспозиции да развијат.

Причината за нормализација на нивото на глукоза во крвта е поради контролираното лачење на инсулин. Кога внесуваме многу шеќери телото реагира и лачи голема количина на инсулин кој има за цел да ја “натера глукозата” да влезе во клетките каде се користи за енергија, вишокот се складира, а дел се претовара во масти и се таложи во масното ткиво. Ексцесивното лачење на инсулин предизвикува брз пад на глукозата во крвта и затоа после кратко време вие повторно чувствувате глад за нешто слатко.

Кога во телото не внесуваме големи количини на јаглехидрати и шеќери, лачењето на инсулин е контролирано и нивото на глукоза во крвта се движи во нормални граници, без постојани скокови и падови што влијае на вашиот апетити и не предизвикува чувство дека постојано треба нешто да грицкате.

Го намалува нивото на лошиотхолестерол

Многу намирници придонесуваат за подигнување на нивото на “лошиот” холестерол во крвта. Намалување на внесот на јаглехидрати, односно прости шеќери може да допринесе за негово намалување.

Консумирањето на јаглехидрати од овошјето, зеленчукот, интегралните житарици и  сл. каде тие се во комбинација со растителни влакна може да допринесе за намалување на нивото на LDL холестеролот.

Ќе загубите тежина во облик на вода

Јаглехидратите врзуваат голема количина на вода во своите молекули, само име “јаглехидрати” кажува дека имаат својство да врзуваат вода.

Доколку го намалите внесот на јаглехидрати во исхраната, после само 2-3 дена ќе забележите дека имате намалено 2-3 килограми, но тоа всушност претставува губиток на вода затоа што како што напишавме погоре шеќерите имаат својство да врзуваат во своите молекули големи количини на вода. Понатаму слабеењето нема да биде толку брзо, но доколку во исхраната вклучите квалитетни протеини и здрави масти и пиете доволно вода ќе имате видливи ефекти за брзо време.

Можно е да имате проблеми со варењето

Доколку во целост ги исфрлите јаглехидратите од исхраната, па дури и интегралните житарици и овошјето можно е да се соочите со проблеми со варењето на храната и празнењето на цревата. Причината е поради тоа што тие содржат растителни влакна кои го помагаат варењето.

Затоа најдобро е да го намалите или целосно да го исклучите внесот на белиот леб, белото брашно и рафинираните шеќери, а сепак контролирано да внесувате овошје и интегрални житарици.

Можно е да чувствувате недостаток на енергија

Првите неколку денови откако ќе го намалите внесот на јаглехидрати на телото ќе му биде потребно време да се прилагоди на новата состојби и затоа во тој период е можно да се почувствувате слабо и без енергија. Но, немојте да се грижите затоа што тоа е само период на адаптација и нормализација на инсулинските нивоа.

За кратко ќе се чувствувате многу убаво, ќе имате многу повеќе енергија од претходно и нема да имате потреба постојано нешто да грицкате.

Заклучок

Исхраната со намален внес на јаглехидрати може да има многу позитивни ефекти врз целокупното здравје, но сепак целосно исклучување на јаглехидратите не е многу паметно решение.

Најдобро е да го намалите или целосно да го исклучите внесот на белиот шеќер и белото брашно, а да внесувате умерено овошје и интегрални житарици.

Драгана Младеновска

Магистер по фармација, Аеробик и Пилатес инструктор. Зависник од здрава исхрана и експериментирање во кујната.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *