Што се случува со телото кога ќе престанете да вежбате?

Споделете со пријателите

Вообичаено сите се фокусираме на придобивките од вежбањето и секогаш кога зборуваме за физичка активност се трудиме да ви објасниме зошто е добро да се вежба и кои промени се случуваат во нашето тело кога вежбаме.

Но, дали сте се запрашале низ кои фази поминува нашето тело кога одреден период редовно вежбаме и потоа одеднаш ќе престанеме.

Многу луѓе знаат да го направат тоа, таман ќе влезат во “шема” со вежбањето поради милион неоправдани причини и утехи на себе си, се откажуваат.

Што се случува со телото кога и само една недела ќе паузирате од вежбање?

Расте нивото на инсулин

После една недела без физичка активност се зголемува концентрацијата на инсулин во телото, а клетките стануваат помалку сензитивни на него. Вишокот инсулин во телото може да биде причина за појава на воспалителни процеси, што гледано на подолгорочен план може да предизвика проблеми со срцето, дебелина и дијабет тип II.

Се намалува процентот на мускулна маса

После недела дена физичка неактивност, процентот на мускулната маса во телото започнува полека да опаѓа. Некои мускули го менуваат дури и својот облик и настануваат промени на структурно ниво, што можат да предизвикаат до полесен и побрз замор на истите. Важно е да ја задржите мускулната маса, особено во повозрасни години, така што не е добра идеја да прекинете со вежбање ако веќе сте влегле во “штос” и сте го навикнале телото.

Се зголемуваат резервите на телесни масти

Кога ќе престанете со вежбање, најмногу страда вашиот метаболизам. Намалување на мускулната маса предизвикува намалување на капацитетот на мускулите да согоруваат масти, што предизвикува нивно полесно таложење. Дополнително и проблемот со инсулинот предизвикува зголемено таложење на масти.

Со редовната физичка активност се одржува тонусот на мускулите, како и нивниот капацитет за согорување на повеќе калории и масти. Затоа луѓето кои вежбаат имаат побрз метаболизам дури и кога се во состојба на мирување.

Се зголемува крвниот притисок

Во оние денови кога не сте физички активни крвниот притисок има многу благо покачување, во однос на деновите кога сте активни. Доколку подолг период останете физички неактивни, тоа може да предизвика драстично покачување на крвниот притисок, особено доколку имате повеќе од 40 години. Со текот на годините расте ризикот од појава на кардиоваскуларни болести и срцеви и мозочни удари, па особено е важно крвниот притисок да се одржува во нормални граници со цел да ги заштитите крвните садови од преоптеретување.

Многу потешко се справувате со стресот

Кога вежбате, поттикнувате лачење на ендорфини во телото и многу полесно се справувате со стресот. Недела дена без физичка активност значително го намалува капацитетот на телото за справување со стресни ситуации. Вие се чувствувате многу поанксиозно и многу лесно можат и мали ситници да ве извадат од контекст.

Доколку не вежбате една недела, пати и вашиот мозок 

Вежбањето ја зголемува циркулацијата во мозокот и токму поради тоа вие сте повеќе мотивирани, поконцентрирани и посреќни кога сте редовно физички активни. Недела или две без физичка активност предизвикува низа процеси и на мозочно ниво што може да предизвика намалување на вашата концентрација, зголемување на стресот, што може да поргредира и да доведе до појава на депресија и анксиозност.

Можеби ќе ве интересира: Како физичката активност влијае на менталното здравје?

Зголемен ризик од депресија

Факт е дека вежбањето не прави посреќни, така што една недела или повеќе без физичка активност значително ќе ја намали концентрацијата на хормоните на среќа во вашето тело. Сето тоа може да биде причина за почеток на депресија, која доколку се појави знае да биде доста упорна и тешка за третман.

Вежбањето многу често се препорачува во третман на депресивни нарушувања, а неколку дена без физичка активност создава “поволни услови” во телото за појава на депресија и промени во расположението.

Можеби ќе ве интересира: Што се случува со вашето тело и мускули кога вежбате?

Драгана Младеновска

Аеробик и пилатес инструктор, Сопственик на FitLife Fitness Studio, Магистeр по фармација и диететика.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *