Одличен брз ручек: Свинско со зеленчук

Споделете со пријателите

Ручек или било каков оброк со сите зеленчукови остатоци од фрижидерот е секогаш полн погодок. Сакам шарени ручеци и чинија во сите бои, многу често правам ваков сличен ручек и со пилешко или со мелено месо. Правам и манџа без месо (турли тава) и особено ми е вкусна кога ќе ставам бамји.

За подготовка на овој ручек ви се потребни околу 30-тина минути. Навистина е брзо и едноставно, а добивате оброк за цело семејство.

Потребни состојки:

  • 300- 400 g чисто свинско месо
  • 1 пиперка
  • 1 главица кромид или 2 млади кромитчиња
  • 1 морков
  • 1 чаша мешавина од пченка и грашок
  • малку шампињони
  • 1 домат
  • 2 раце спанаќ
  • магдонос
  • маслиново масло
  • зачини по желба.

Начин на подготовка:

Месото го насечкав на ситни коцки и го ставив во длабока тава со малку маслиново масло да се запржи/динста. Тоа не пржење затоа што ставам многу малку масло и самото месо си пушта вода па се динста во сопствената течност. Кога малку зарумени ги додадов кромидот, пиперката, шампињоните и морковот. Го оставив неколку минути. Зеленчукот си пушти и плус вода па имаше доволно за да се динста на тивко. Кога и зеленчукот малку омекна ја додадов пченката, грашокот и доматот кој го насечкав на коцки. Оставив неколку минути доматот да пушти убаво течност па го додадов спанаќот и готвев уште 4-5 минути максимум. Целата постапка беше можеби 30-тина минути највеќе иако не гледав саат па не сум сигурна, може било и побрзо.

На крај додадов хималајска сол, магдонос, лук, куркума, црн бибер, буковец и малку оригано.

Ручекот беше уживање, баш по мој вкус!

На здравје!

Драгана Младеновска

Аеробик и пилатес инструктор, Сопственик на FitLife Fitness Studio, Магистeр по фармација и диететика.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *