Вариво од леќа, наут и блитва

Споделете со пријателите

Мешунките како грав, грашок, леќа, боранија, наут и слично се одлични намирници кои изобилуваат со хранливи состојки. Тие се богати со растителни протеини, влакна, Б-витамини, железо, фолна киселина, калциум, калиум, фосфор и цинк. Имаат ниска содржина на масти и одличен баланс на протеини и сложени јаглехидрати.

Консумирајте мешунки почесто. Нека бидат застапени барем 2 или 3 пати неделно во вашето дневно мени.

Јас искрено уживам и ги сакам сите. Најмногу сакам леќа, но сакам и боранија и грашок и грав и наут. Најчесто ги подготвувам како манџи, но понекогаш, иако ретко знам да направам и салата со мешунки. Наутот го користам и за десерти.

Можеби ќе ве интересира:

Како да подготвите вкусна манџа без запршки?

Вкусен и брз ручек или вечера: Салата со леќа, марула и печурки

Посни чоколадни колачиња од наут

Ова вариво од леќа, наут и блитва во комбинација со салата е одличен и балансиран ручек кој се подготвува брзо и лесно.

Потребни состојки:

  • леќа и наут (проценете сами колку количина да ставите во зависност од тоа колку луѓе треба да јадат, кај мене доминираше леќата затоа што немав многу наут)
  • 1 кромид
  • 1 морков
  • 1 пиперка
  • 1 домат
  • малку свеж лук
  • свежа блитва
  • маслиново масло
  • хималајска сол и зачини по желба.

Начин на подготовка:

Правило за сите житарки, а и мешунки ми е да ги киснам навечер во вода ако ми е во план да ги готвам следниот ден. Со киснење во вода доаѓа до растворање на фитинска киселина која е антинутритиент и ги врзува хранливите состојки. Следниот ден задолжително ја фрлам водата во која се киснеле, додавам нова и ставам да се вари.

Постапката за подготовка ми е следна: во блендер ги ставив кромидот, морковот, пиперката, лукот и доматот и ги изблендирав целосно. Ја истурив смесата во тенџерето со леќа и наут и додадов уште малку вода (да се облие). Го оставив да зоврие и потоа го намалив на тикво. Се готвеше можеби половина час на ниска температура, а може и помалку. Искрено не видов колку време му треба, но кога се киснати претходно мешунките е многу побрзо.

Кога леќата и наутот целосно омекнаа, додадов свежа блитва и измешав.

На крај додадов зачини, сол и малку маслиново масло.

Играјте си си зачините, тие го прават финалниот вкус. Не се плашете да додадете. Јас додадов црн и црвен бибер, буковец, куркума и нане.

Финалниот резултат беше превкусна манџа која ја јадевме во комбинација со голема свежа зелена салата од градината на мајка ми.

Ете колку треба за вкусен и здрав ручек.

Покиснете, изблендирајте и оставате да се вари, нема запршки, не мириса дома на пржен кромид и нема тон масло.

На здравје!  

Драгана Младеновска

Аеробик и пилатес инструктор, Сопственик на FitLife Fitness Studio, Магистeр по фармација и диететика.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *