Вежбање во текот на бременоста

Вежбањето има огромни придобивки за нашето здравје, но кога се во прашање трудниците листата на придобивки е уште поголема.

Секако, вежбањето за време на бременоста треба да биде претпазливо и да се практикуваат вежби кои се специјализирани и дозволени за трудници.

Секој триместар си носи свои карактеристики, телото на жената во бременоста драстично се менува и од физички, но и од психички аспект. За полесно да се надминат сите труднички потешкотии, вежбањето може навистина многу да помогне.

Во бременоста е дозволено да вежбате доколку имате зелено светло од својот гинеколог дека имате нормална бременост која дозволува да бидете активни.

Бенефити од вежбање за мајката

  • Вежбањето го намалува ризикот од компликации: трудниците кои вежбаат имаат многу мала веројатност да развијат гестациски дијабет и компликации да имаат непланиран царски рез (студија од 2017-та година).
  • Трудниците кои се физички активни качуваат помалку килограми во текот на бременоста споредено со оние кои не се. Исто така мајките кои вежбаат имаат помал ризик да родат бебиња кои тежат над 4 kg, што може да предизвика проблеми и компликации при породувањето (студија од 2012-та година).
  • Вежбањето го забрзува периодот на опоравување после породувањето: колку повеќе ја зголемите кондицијата за време на бременоста, толку побрзо ќе се опоравите физички после породувањето. Во една студија од 2012 година, жените кои вежбале закрепнале многу побрзо после породувањето, споредено со жените кои не биле активни.
  • Вежбањето во бременоста влијае многу позитивно на расположението: жените за време на бременоста се подложни на депресија, но особено после породувањето. Истражувањата потврдуваат дека вежбањето за време на бременоста стимулира ослободување на ендорфини во телото што предизвикува позитивни чувства кај мајката кои секако имаат позитивно влијание и врз самото бебе (студија од 2012-та година).

  • Вежбањето во бременоста го намалува крвниот притисок: покачувањето на крвниот притисок во бременоста е сериозна состојба која бара медицински надзор и третман (прекламспија) што може да има сериозни последици и за бебето, но и за мајката. Активноста во бременоста може многу да помогне во контролата врз крвниот притисок (студија од 2010-та година).
  • Помалку болки во половината и грбот – третиот триместар знае да биде доста непријатен и пропратен со болки и тоа особено во пределот на половината и грбот, тежината од бебето прави голем притисок врз ‘рбетот на мајката што предизвикува да се појават интензивни болки кои може да бидат толку непријатни, што можат да го попречат нормалното функционирање на мајката. Вежбањето докажано помага за намалување на болката во грбот и половината (студија од 2012-та година).
  • Вежбањето го намалува заморот во бременоста: заморот знае да биде непријатен и доста изразен во првиот триместар и потоа при крајот на бременоста, односно во третиот триместар. Иако звучи парадоксално но многу често повеќе одмор може да не направи уште полетаргични и заморот да биде потенциран, споредено со дури и минимална активност која може да направи огромна разлика во поглед на енергијата.
  • Со вежбање во бременоста, ќе имате подобар сон: спиењето во бременоста може да биде пореметено уште од првиот триместар што се должи пред се на хормоснките промени со кои се соочува телото. Веќе во третиот триместар големината на плодот и потешкотиите во заземање на удобна позиција можат да бидат многу изразени што предизвикува проблеми со заспивање и одржување на сонот. Сонот е екстремно важен за одмор, регенерација и нормално функционирање на телото. Повеќе истражувања кои се правени низ текот на годините потврдуваат дека активните трудници имаат многу помалку проблеми со спиењето и заспивањето во текот на бременоста, па дури и во третиот триместар.
  • Вежбањето помага за надминување на констипацијата која е многу чест проблем во бременоста, затоа што активно тело значи и поактивни црева. Вежбањето во бременоста помага за одржување на моталитетот на цревата и го олеснува нивното празнење.
  • Вежбањето може многу да помогне и во намалување на отоците. Задршката на вода во телото е еден од главните проблеми кои се јавува во текот на бременоста. Активноста помага за полесна елиминација на водата затоа што ја забрзува циркулацијата.

Вежбањето во бременоста има многу придобивки, иако секоја трудница треба да се гледа индивидуално. Доказите и истражувањата кои се правени низ годините ги потврдуваат позитивните ефекти и јасно е дека активноста во бременоста може да ги намали или целосно да отстрани некои од проблемите кои можат да се јават, а притоа многу да влијаат на квалитетот на живот на идната мајка.


ВАЖНО: За време на бременоста не смеете да вежбате ако чувствувате било каква болка, ако имате вртоглавици, главоболки, вагинално крварење или чувствувате болни контракции, слабост во мускулите или отекување на телото.


Вежбањето во бременоста покрај тоа што има огромни придобивки за мајката има придобивки и за здравјето на бебето. Иако повеќето студии кои се правени низ годините се сеуште анимални , сепак резултатите од овие студии не можат да се занемарат.

Ова се некои од придобивките кои ги имаат бебињата доколку нивните мајки вежбаат во бременоста:

  • Бебињата на мајките кои вежбаат имаат подобра сензитивност за инсулин и многу мали шанси за да развијат дијабет понатаму во животот.
  • Подобро ментално здравје и помал ризик за развој на невродегенеративни заболувања.
  • Бебињата на мајки кои вежбаат имаат помал BMI (body mass index), односно се помалку подложни на дебелина и се вообичаено со 300 g помала родилна тежина споредено со бебиња на мајки кои не вежбаат.
  • Подобро кардиоваскуларно здравје – бебињата на мајки кои вежбаат имаат понизок пулс во 36-тата гестациска недела што превенира појава на фетален дистрес синдром (фетална хипооксија).
  • Бебињата на мајки кои вежбале во бременоста се посмирени и повесели, благодарение на хормоните на среќа кои се лачат за време на физичката активност.

Што можете да вежбате во бременост?

  • пешачење
  • лесно трчање
  • јога за трудници
  • пливање
  • пилатес за трудници
  • кондициони вежби со помал интензитет.

Доколку имате нормална бременост и зелено светло од својот гинеколог дека смеете да бидете физички активни, нашето студио FITLIFE нуди специјализирани Пилатес часови за трудници.

Термини: понеделник и среда од 20.00 до 20.50 часот.

Локација: Кисела Вода (Стара Рампа, во објектот на Златна Копачка)

Цена: 1000 денари месечно.

*групата е веќе активна и имаме уште 3-4 слободни места.

Повеќе информации можете да добиете на телефон: 071 273 982 или да прочитате на следниот линк.

Драгана Младеновска

Магистер по фармација, Аеробик и Пилатес инструктор. Зависник од здрава исхрана и експериментирање во кујната.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *