Вежбате, а не слабеете! Зошто?

Дали вежбате за да намалите килограми и да ослабете или пак вежбате за здравје…за она убаво чувство на леснотија, исполнетост, задоволство и среќа кои со сигурност ги чувствувате после секој добро извежбан тренинг?

“Вежбам, многу долго а не слабеам? Која е причината?”

Ова е едно од почестите прашања со кои јас секојдневно се соочувам.

Според мене физичкиот изглед не е воопшто важен и не кажува ништо за тоа колку вие сте фит. Можете да изгледате супер, згодно, фит и секси, а на не можете да истрчате ни 500 m без да “испуштите” душа, а од друга страна тука се и оние кои изгледаат малку “набиено” а во себе имаат сила и планина да кренат. Иако со текот на времето сакале или не, физичката активност им прави дефиниција на мускулите и телото, сепак тоа не треба да биде показател за вашиот фитнес перформанс.

Кои се можните причини зошто не слабеете и покрај тоа што редовно и посветено вежбате?

Причини за тоа може да има многу, но издвојуваме 5 најзначајни кои имаат навистина голем ефект на видливите резултатите од физичката активност.

  1. Генетика

Генетиката е најсилното нешто во нашето тело кое за жал немаме моќ да го смениме…затоа некои луѓе се крупни, други се ситни и сл.

И доколку спаѓате во онаа група на луѓе кои лесно качуваат килограми, треба да бидете внимателни затоа што можеби ќе ви треба малку повеќе време и напор за да постигнете повидливи резултати на себе. Не дека генетиката детерминира дека вие ќе имате вишок килограми секогаш, но сепак игра важна улога во целокупниот процес.

Оние кои имаат предиспозиции да таложат масти, треба да бидат за нијанса повнимателни со изборot на храна и со физичката активност за да имаат повидливи и потрајни резултати.

Но, запомнете резултати може секогаш да има!

  1. Исхрана

Исхраната е најзначајниот параметар во целиот процес. Немојте да очекувате резултати од вежбањето ако, после тренинг јадете хамбургер или пак цело чоколадо без око да ви трепне 🙂

Балансирана исхрана, богата со квалитетни протеини, здрави масти, многу зеленчук и овошје (но со него повнимателно) гарантира вистински успех. Доколку сакате резултати од вежбањето треба да бидете внимателни со внесот на јаглехидрати. Не дека не треба да ги јадете, но едноставно да не претурувате. Ограничете го лебот, тестенините, слатките десерти, чоколадите, сите чипсови и грицки кои се полни со празни калории кои само ја пореметуваат рамнотежата глукоза-инсулин и вие постојано се чувствувате гладни.

Можеби ќе ве интересира:

Како да го направите здравиот начин на исхрана и вежбањето животен стил (20 основни правила)

  1. Постојано исти тренинзи и интензитет

Се навикнавте на тренинзите и не сакате да смените ништо…тоа може да биде една од причините зошто вашето тело стагнира.

За жал или за среќа нашиот организам е многу паметна машина и има способност да се навикне на работите кои ги правиме постојано, така што ако вие вежбате постојно исти вежби и тренинзите ви траат исто време, тогаш немојте да очекувате дека телото ќе направи бум.

Правете некои промени, додадете нешто…ако сте вежбале 3 пати неделно, зголемете на 4 или 5 пати неделно. Ако вежбате Пилатес, додадете и Аеробик. Или пак вклучете еднаш неделно трчање или планинарење, возење велосипед или сл.

Можеби ќе ве интересира:

Неочекувани придобивки од вежбањето

  1. За време на тренингот не се давате максимално

Времето кое сте го издвоиле за тренинг искористете го максимално, дајте се од себе за да ги направите сите вежби до крај. Ако лесно се откажувате и не се предизвикувате себеси, секој пат да ја надминете таа граница која ви вика дека до тука можете, тогаш резултатите ќе бидат спори.

Во ред е да направите селфи на тренингот, но не и цел тренинг да го потрошите пред огледало сликајќи се! Сепак сте дошле да вежбате! 🙂

  1. Здравствени проблеми/ Хормонален баланс

Хормоналниот баланс има многу големо влијание врз целокупното здравје. Некои луѓе поради хормонски промени и проблеми задржуваат многу повеќе вода и поради тоа се чувствуваат надуено и без енергија. Инсулинската резистенција, високото ниво на естрогени во телото или пак ниското ниво на тестостерон, особено кај мажите може да има многу голем ефект врз вашиот физички изглед  и врз вишокот килограми.

Правилното функционирање на тироидната жлезда исто така е многу важно и доколку имате проблем со килограмите и никако не одат надоле, а правите се што можете, тогаш задолжително направете лекарски преглед за да утврдите дали се е во нормални граници.

Хормоните се најмоќните медијатори во нашето тело кои ги дефинираат скоро сите процеси во организмот, но верувајте физичката активност и добрата и избалансирана исхрана се клучот до хормонкски баланс, добро здравје, добра физичка кондиција и фит тело.

Можеби ќе ве интересира:

Имате проблеми со хормоните, дали знаете дека спасот е во трчањето и физичката активност?


За крај бидете упорни, посветени, не се откажувајте лесно никогаш!

За долготрајни и видливи резултати треба посветена работа! Промени не се случуваат преку ноќ!

Направете ја физичката активност дел од вашето секојдневие!

Вежбајте пред се за здравје, затоа што на крајот од денот, тоа ни е најбитно, убавината и физичкиот изглед се секако релативни!

Драгана Младеновска

Магистер по фармација, Аеробик и Пилатес инструктор. Зависник од здрава исхрана и експериментирање во кујната.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *