Како да подготвите вкусна манџа без запршки?

Споделете со пријателите

Уште од дете сум програмирана да јадам манџа, односно традиционални оброци за ручек. Не би заменила чинија грав или грашок со сендвич ама баш НИКОГАШ.

Обожавам вакви јадење и секој ден готвам.

Ручекот ни е во 80% од случаите манџа, а другите 20% печен зеленчук, печени компири, ориз и слично, и салатата е секако задолжителна.

Како ги подготвувам манџите?

Запршка не користам и никогаш не сум користела, а особено не сега откако готвам и за ќерка ми. Ручаме сите заедно, нема посебни и специјални оброци за неа, затоа внимавам тоа што ќе го направам да биде балансирано, здраво и вкусно.

Навиките во исхраната се градат од мали нозе и сметам дека сега треба да ги поставиме темелите.


Мислам дека би било корисно со сите вас да споделам како ги подготвувам манџите затоа што начинот кој го користам е многу едноставен, дома не ми мириса на кромид и пржено масло, а секогаш во тенџерето имам највкусен оброк!

Кога мислам на манџа ова се однесува на сите варива како: грашок, леќа, боранија, компир манџа, манџа со повеќе зеленчуци и грав.

3-4 пати неделно во оброкот користам месо, месото ми е домашно исклучиво. Го купуваме од Берово, најчесто телешко, но понекогаш свинско или пилешко (Ана обожава пилешка чорба, ама од домашни пилиња). За манџи ми е најлесно и најбрзо кога користам мелено месо.

Начинот на подготовка на манџа ми е следен.

Ќе ви опишам како правам леќа, иако ова се однесува за сите манџи.

Леќата ја киснам преку ноќ во вода, за да се раствори фитинската киселина која е антинутритиент и ги врзува корисните нутритиенти од оброкот.

За подготовка на манџата користам: главица кромид, 1 морков, доматно пире (домашно), маслиново масло, лук, хималајска сол и зачини.

Најпрвин во блендер ги ставам кромидот, морковот и доматното пире, ги блендирам за да се добие густа и еднолична смеса. Таа смеса ја ставам во тенџерето заедно со леќата и дополнувам со вода. Оставам да зоврие, па намалувам на тивко да се вари дури целосно не омекне. Понекогаш знам во варењето да додадам и 1 компир, ситно исечкан на коцки за да даде густина, но тоа го правам поретко.

Кога леќата ќе биде целосно сварена, додавам малку маслиново масло, хималајска сол, лук, црвен бибер или благ буковец и нане.

Оставам на тикво уште 5-10 минути и ете го вкусниот ручек кој е уживање за сите!

Ако додавам месо, месото го ставам заедно со леќата на почеток за да се варат заедно.

Со ваков начин на варење добивате вкусно вариво кое воопшто не е без вкус. Не пржите ништо и дома не ви мириса на кромид. Прелесно е!

Можеби ќе ве интересира: Како готвењето на храната влијае на нутритивниот состав на намирниците?

Пишете ми ако вие имате некоја поинаква техника на готвење.

Драгана Младеновска

Аеробик и пилатес инструктор, Сопственик на FitLife Fitness Studio, Магистeр по фармација и диететика.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *