Здрава летна торта со три фила која не се пече

Споделете со пријателите

Прв пат користам агар-агар за гелирање и навистина можам да кажам дека успеав да направам супер комбинација на слоеви и вкусови.

Замислата ми беше да биде нешто како баунти торта ама некако додека правев си викам ќе ставам и овошен слој за да има и освежувачка нота и не згрешив.

И сега затоа што има многу слоеви не знам какво име да и дадам. Нека биде едноставно и нека е Летна торта 😊

Ако имате некој близок кој ќе слави роденден можете да го изненадите со вакво здраво уживање.

Тортата е прав погодок!!!

Инаку агар-агар најпросто кажано е желатин од растително потекло (се добива од црвени алги и е во прашкаста форма). Го има во сите продавници за здрава храна, јас го купив од продавничето во Бисер.

За да се активира потребно е смесата да се загрее, но не многу туку нешто над  35˚С. Отприлика за околу 200-300 ml течност која сакаме да гелира потребно е 1 мала лажичка или околу 5 грама агар-агар.

Сега да преминам на рецептот.

Потребни состојки:

кора:

  • 150 g мелени бадеми
  • 100 мелени овесни снегулки
  • 100 g урми киснати во вода
  • 4 лажици кокосово масло

прв слој (кокос):

  • 400 ml кокосово млеко (купив кокосово млеко од ДМ, го има во конзерва и пакувањето е баш 400 ml)
  • 2 лажици мед
  • 4 лажици кокосови трошки
  • 2 лажички агар-агар

втор слој (овошен):

  • 300-400 g јагоди
  • 1 банана
  • околу 100 g замрзнати боровинки од @sumski_drugar
  • 2 лажици чиа семе
  • 1 лажичка агар-агар

трет слој (чоколаден):

  • 4 лажици мелени овесни снегулки
  • околу 100 ml вода
  • 100 g црно чоколадо со 75% какао
  • 2 лажици кокосово масло
  • 1 лажичка агар-агар

Начин на подготовка:

За кората сите состојки ставете ги во бледнер и изблендирајте кратко дури се соединат. Треба да добиете леплива маса која ќе може да ја натапкате на дното од садот кој планирате да го користите за тортата.

За подготовка на првиот кокос слој ставете го кокосовото млеко, медот, кокосовоите трошки и агар-агарот во тенџере и загрејте, но никако до вриење. За да се активира агар-агарот треба температурата да е нешто над 35˚С. Соединете убаво и истурете ја смесата врз кората од бадеми и овес. Ставете во фрижидер и почекајте кратко за да гелира. Брзо настанува оваа реакција, не знам точно за колку време, но за 15-20 минути мислам дека веќе беше гелирано.

За подготовка на вториот овошен слој овошките заедно со чиа семето ставете ги во блендер и изблендирајте. Во тенџере истурете ја смесата и додадете го агар-агарот па исто така кратко загрејте. Ако е гелиран првиот слој истурете го и овој слој и вратете повторно во фрижидер.

За последниот чоколаден слој ставете ги во тенџере овесните снегулки, чоколадото, кокосовото масло, водата и агар-агарот. Мешајте додека смесата не се соедини и не се загрее повторно. И овој слој излијте го откако ќе се гелира вториот овошен слој.

Јас малку избрзав и не ми се чекаше, па вториот и третиот слој не ми се јасно одделени ама сепак не влијаеше тоа на вкусот 😊

Одозгора наросив чоколадиран кокосов чипс.

Тортата е вистинско уживање и иако можеби на прва делува сложено верувајте дека вреди.

Ќе ја правам почесто дефинитивно 😊

Драгана Младеновска

Аеробик и пилатес инструктор, Сопственик на FitLife Fitness Studio, Магистeр по фармација и диететика.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *