Емби на поинаков начин (здрава верзија)

Споделете со пријателите

Не е ова некој генијален рецепт, но пробав да го адаптирам во здрава верзија и можам да кажам дека успеав. Добив многу голема количина. Наполнив 30 мали корпички за колачи и ми се здосади од полнење, па остатокот (уште половина) го натапкав во правоаголно плехче. Тоа излезе како чоколадо со експандиран ориз и ќе го кршиме и така ќе го јадеме.

Потребни состојки:

  • 100 g експандирани житарки
  • 100 g интегрален сусам
  • 2 лажици таан
  • 3 лажици мед
  • 100 g путер (може и кокосово масло, но со него ќе бидат помеки)
  • 75 g црно чоколадо.

Начин на подготовка:

Јас користев 4 експандирани житарки ги има од Натура и мислам дека ги има во сите маркети. Ако не најдете мешавина од 4 житарки можете да земете само експандиран ориз, но барајте интегрален.

Сусамот треба да биде тостиран, ставете го во тавче и почекајте малку да пушти мирис и арома. Ќе почнат да пукаат зрната и тогаш ќе знаете дека му е доволно.

Таанот, медот, путерот и црното чоколадо стопете ги на пареа или на слаб оган. Измешајте на крај се заедно и полнете мали корпички за колачи со лажица.

Ставете ги во фрижидер да се стегнат и готови се за јадење. Во замрзнувач ќе се стегнат побрзо.

Излегува навистина голема количина со малку нармирници. Ќе си имате здрава ужинка и за вас и за децата за цела недела.

Инаку можете да ги чувате и во замрзнувач и така да си вадите и да си јадете. Баш се вкусни поладни затоа што не замрзнуваат скрос 😊

Јас одозгора им наросив малку мелени лешници за да биде убава сликата 😊

Ве очекувам со тагови! Вреди да се проба, превкусно и прелесно е! 

Драгана Младеновска

Аеробик и пилатес инструктор, Сопственик на FitLife Fitness Studio, Магистар по фармација и диететика.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *