10 начини како да создадете здрави нутритивни навики кај вашите деца

Споделете со пријателите

Ние како родители сме најважните инфлуенсери за нашите деца!

На директен или индиректен начин ние го имаме најголемото влијание врз нив и врз нивното однесување. Креирањето на здрави навики во исхраната уште од најмала возраст значи подобро здравје на вашето дете цел живот. Нудењето разновидна храна уште од најмали нозе им помага на децата да ги добијат потребните хранливи материи и нутритиенти за правилен раст и развој.

На децата не им требаат витамини и суплементи за подобар имунитет, им треба разновидна, богата и нутритивна храна!

Имајте на ум дека витамините и минералите кои се наоѓаат во храната имаат голема биорасположливост, а тоа во превод значи многу поголема искористливост од страна на телото за разлика од витамините и минералите во суплементите. Храната како еден комплексен матрикс е уникатна и го олеснува процесот на апсорпција.

Гответе заедно со децата, разговарајте за храната и создадете време кое ќе биде само за вас и вашето семејство!

  1. Бидете пример како треба да се исхранува вашето дете

Не може да се трудите да му наметнете здрави навики на вашето дете, ако вие постојано уживате во пици, хамбургери и брза храна. Децата не сакаат теорија, тие сакаат пракса. Покажете им дека вие и целото семејство уживате во храна подготвена дома, во оброк полн нутритиенти и витамини.

  1. Одете заедно во маркет

Секогаш одете во маркет со своите деца и уште од најмала возраст учете ги за правилен избор на намирници. Покажете им дека во маркетите има голем избор на продукти, но научете ги што треба да преферираат. Зборувајте им и објаснувајте им како храната влијае на нашето здравје.

  1. Бидете креативни во кујната

Подготвувајте ги оброците заедно, дозволете им на децата да бидат заедно со вас во кујната, ако се малку поголеми дајте им да сечкаат и тие. Децата сакаат задачи, сакаат да бидат корисни. Сечкајте ги овошјето и зеленчукот во интересни форми и креирајте уникатни чинии. Идеи и инспирации за уметност со храна ќе најдете кај @vkusniprikazni.

  1. Понудете го истиот оброк за сите

На децата нудете им го истиот оброк како вашиот, нема потреба да готвите посебно и да правите специфични оброци за нив. Покажете им дека сите јадете иста, здрава и нутритивна храна и дека нема опции за друг оброк.

  1. Наградувајте ги децата со внимание и со љубов, а не со храна

Ако детето било умно и направиле нешто добро не го наградувајте со чоколадо или со било каква храна, наградете го со прегратки, со љубов и со внимание. Ако го наградите со слатки или со чоколадо, му давате простор да мисли дека таа храна е подобра од било која друга храна затоа што ја добива како награда кога ќе направи нешто добро.

  1. Фокусирајте се на оброкот и уживајте во него во потполност

За време на оброците фокусирајте се сите еден на друг, исклучете ги телевизорите, оставете ги телефоните настрана и уживајте во времето помината заедно. Зборувајте во меѓувреме за некои интересни теми и дозволете си тоа време да биде уживање за цело семејство.

  1. Понудете им опција

Наместо да го прашате детето “Дали сакаш брокули за вечера?”, прашајте го “Дали повеќе сакаш брокули или пак карфиол за вечера?”. Така му нудите опција да избере, а не да ви одговори потврдно или негативно. Секогаш правете така и со други работи во секојдневното живеење, нудете две опции.

  1. Нудете нова и разновидна храна

Нудете им нова и разновидна храна постојано, објаснувајте им на децата за мирисот, вкусот и текстурата на храната. Потрудете се да им објасните дека храната е неопходна за живот, но мора да биде вистинска и хранлива. Во еден оброк нудете една нова намирница и секогаш комбинирајте ја со веќе пробани или омилени намирници на вашето дете. Не го форсирајте детето да јаде. Ако не сака во моментот оставете за подоцна, но не нудете му друга опција или пак десерт за замена.

  1. Ограничете го времето помина пред компјутер/телевизор/телефон

Не е убаво да му го забраните пристапот до технологија на вашето дете, но покажете му да ги користи можностите на технологијата разумно. Дозволете му да биде пред екраните најмногу 2 часа во текот.

  1. Од најмали нозе покажете му на детето дека физичката активност е неопходна за здравје

Шетајте заедно, одете во парк и возете велосипед, одете на планина. Наутро кога ќе станете правете размрдување од 5-10 минути со главата, рацете и нозете, истегнувајте се кратко заедно. Трудете се вие да бидете максимално физички активни за да бидете пример како треба да прави и тоа кога утре ќе порасне.


Како родители ние треба да работиме првин на себе, на нашите навики, да се потрудиме ние да бидеме најдобрата верзија од себе, затоа што само така ќе му пренесеме вистински вредности на детето, не само за исхраната, туку и за се во животот!!!

Драгана Младеновска

Аеробик и пилатес инструктор, Сопственик на FitLife Fitness Studio, Магистар по фармација и диететика.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *