Моето искуство со доењето/ Зошто и до кога да доите?

Инспирирана од една објава на @mojafitnessmama на инстаграм во врска со доењето решив да го споделам моето досегашно искуство, но и научните факти кои ги исчитав сите овие месеци, а се поврзани со доењето и неговата огромна важност во развојот на детето.

Текстот ќе биде подолг, но се надевам од голема корист за мајките.

Искрено, пред да се породам тоа ми беше една многу голема мисла, дали ќе можам да дојам и како ќе се справам со доењето и вежбањето, како медицинско лице бев свесна за важноста и значењето на доењето.

Се плашев дека моето вежбање, кое не е баш наивно, може да влијае негативно, а морав да се вратам на тренензи најбрзо што можам затоа што кога имате свој бизнис породилното отсуство за жал е само на лист, но не и во пракса.

Работите на крај излегоа многу позитивни, па би сакала да го споделам тоа со сите кои дојат или планираат да дојат.

Доењето е најдобрата храна за бебињата и претставува нормален начин на обезбедување на доенчето со хранливи материи потребни за раст и развој во првите месеци од животот. Практично сите мајки можат да дојдат, под услов да имаат точни и правилни информации во врска со доењето и секако, поддршка од нивното семејство, здравствениот систем и општеството во целост.

Воспоставувањето на лактација кај мене беше релативно брзо и лесно, и иако се породив со царски рез веќе следниот ден од породувањето Ана почна активно да цица. Најверојатно пристапот на медицинскиот кадар беше клучен затоа што првиот ден после оперативниот зафат иако бев многу истрошена и без сила со нивна помош ја ставав многу често на града и таа “влечеше”, тоа беше цицање “на празно”, но сепак беше огромна стимулација за наодоаѓање на млекото веднаш следниот ден.

Првиот месец ми беше напорен, а верувам и кај повеќето мајки е така. Прво не бев сигурна дали имам доволно млеко, дали добро ја местам на града и дали правам се правилно (прв пат сум мајка и се ми беше ново и непознато).

Патронажните сестри кои не посетија дома ме охрабрија дека сме супер и дека нема да имаме никакви проблеми со доењето. Така и беше, контролите си покажаа дека Ана напредува супер и дека одлично цица. Тоа за мене беше искрено најголема радост.

Но, после месец дена јас полека закрепнав од царскиот рез и веќе морав да се вратам во сала и да држам часови. Многу се плашев за целата организација, за моите отсуства од дома и како сето тоа ќе влијае на млекото и на доењето.

Планот ми беше да се одмолзувам пред секое излегување од дома и да и оставам млеко, па татко и да и го дава од шише. После враќање планирав пак да го одмолзувам и да го фрлам првото млеко после вежбање, но тоа искрено ми беше лудост. Читав дека вежбањето може да предизвика промена на вкусот на млекото, што може да направи бебето да се одбие, но всушност тоа се случувало само кај некои екстремни спортови кога мајките се спремале за олимпијада.

Не фрлав и не одмолзував ништо, освен пред да одам да вежбам. Се плашев дека нудењето на шише еднаш во денот може да предизвика да не сака да фака града, но и тоа не испадна така. Веднаш после вежбање трчав дома, се туширав и одма ја ставав да цица. Си цицаше без проблем како ништо да не било, како да не цицала од шише претходно, без никакви проблеми, што значи дека вкусот си останал ист.

Мислев дека можеби лактацијата може да се намали од вежбање и првите 2 недели многу стравував, но не, мене ми се зголеми и многу често ми остануваше по 70-80 ml одмолзено млеко на ден во вишок. Тоа е скоро еден оброк за бебе од 2 месеци.

Сето тоа го пишувам за да ги охрабрам мајките кои мислат дека вежбањето лошо влијае на лактацијата затоа што многу често низ овие месеци добив прашања од типот “Јас дојам дали и од кога можам да вежбам?”

Можете да вежбате тогаш кога вашето тело ќе закрепне од продувањето, доењто си е природен процес и не треба да биде пречка за физичка активност кај мајката. Нормално, пред да вежбате дајте му на бебето да цица за да вежбате со празни гради.

Во врска со оваа тема имав и гостување во 0+ месеци на Телма. Можете да го погледнете и видеото од гостувањето.


Сега малку од научен аспект, зошто е важно ексклузивното доење за бебето и кои се придобивките за мајката. Ова се извадоци од еден водич кој го подготвував како проект за моите тековни магистерски студии по диететика и диетотерапија.

Зошто да доите ексклузивно во првите 6 месеци?

Ексклузивно доење се препорачува од раѓање до 6 месечна возраст (ексклузивно доење значи дека бебето во првите 6 месеци добива само мајчино млеко, никаква друга храна или напитоци).

Воведување на дохрана е најдобро да се започне на 6 месеци кога детето ќе биде старо (180 денови), но паралелно мајката да продолжи со доење.

Според литературни податоци од студии најголемата придобивка од ексклузивното доење до 6 месечна возраст е превенција од гастроинтестилни инфекции. Но, исто така постојат докази дека моторниот развој на бебето се зајакнува со ексклузивно доење до шест месеци.

За мајката, ексклузивното доење до шест месеци го продолжува времетраењето на лактациона аменореа (отсуство на менструален циклус), а со тоа се забрзува губењето на тежината. Подолгото траење на аменореа генерално се смета за предност за жени со прекумерна тежина. Тоа би можело да биде недостаток за жени кои не се гојазни, и кај нив е потребно да се воведе соодветен режим на исхрана.

Не постојат несакани ефекти од ексклузивното доење во период од 6 месеци. Нутритивните потреби на бебиња кои имаат нормална родилна тежина можат да се задоволат со мајчино млеко до 6 месеци, доколку мајката се храни соодветно. Во одредени случаи може да се јави дефицит од одредени микронутритиентите пред 6 месеци. Често може да се јави дефицит на железо, но тоа ретко се случува кај мајки кои имале нормални биохемиски параметри за железото во текот на бременоста. Деца кои се родени со ниска родилна тежина имаат ризик од развој на железо дефицитарна анемија и кај нив се советува да се даваат капки кои содржат железо започнувајќи од 2-риот или 3-тиот месец.

Други нутритиенти кои можат да бидат дефицитарни пред 6 месечна возраст вклучуваат цинк и некои витамини. Концентрацијата на цинк во мајчиното млеко е релативно ниска иако биорасположливоста на цинкот е голема, сепак од достапните студии, дефицитот на цинк не предизвикува значајни проблеми со растот и развојот кај ексклузивно доените бебиња и тој се случува само кај бебиња кои се родени со мала родилна тежина и со ниски резерви на цинк во црниот дроб.

Дефицит на витамини кај ексклузивно доени бебиња се јавува ретко, иако може да се случи доколку мајката не се храни соодветно. Најчесто може да се јави дефицит од витамин А, рибофлавин, витамин Б6 и витамин Б12. Во таков случај подобро е да се подобри исхраната кај мајката, отколку да се даваат витамински додатоци кај бебето. Недостаток од Витамин Д може да се јави доколку новороденчето не се изложува на доволно сончева светлина, и затоа користење на капки со витамин Д во првите години од животот превенира дефициенција на овој витамин која може да биде поврзана со појава на рахитис.

Имајќи во предвид дека потенцијалните бенефити ги надминуваат потенцијалните ризици од појава на дефициенција на некои микронутритиенти, ексклузивното доење се препорачува за најсоодветно до 6 месечна возраст.

Така беше и кај нас. Јас ја доев Ана ексклузивно до околу 6 месеци, со вкусови почнавме 2 недели пред да наполни 6 месеци, затоа што почна да појавува огромен интерес за тоа ние што го јадеме, почна да сака да седи и знаев дека е спремна.

До кога да доите?

Доењето е најдобро да продолжи до 24 месеци во комбинација со дохрана, доколку секако постои можност за тоа.

Доењето има значаен нутритивен придонес, доколку продолжи и после првата година од животот на детето. Доените деца од 12 до 24 месеци кои пијат по околу 550 ml мајчино млеко на ден, добиваат околу 35-40% од дневните нутритивни потреби од мајчиното млеко.

Поради релативно високата содржина на масти во мајчиното млеко, тоа претставува одличен извор на есенцијални масни киселини кои се многу значајни за целокупниот развој, но особено за развој на мозокот на детето. Мајчиното млеко обезбедува 70 % од дневните потреби за витамин А, 40 % за калциум и 37% за рибофлавин на возраст од 15 до 18 месеци.

Слика: Енергија која му е потребна на детето во текот на првите 24 месеци од животот, со жолто е енергијата кој е потребна од мајчино млеко или адаптирана формула, а со бело енергијата која треба да ја внесува со храна – Извадок од WHO Complementary feeding: Family foods for breastfed children

Доењето после првата година е особено важно за време на болест кај детето, затоа што во тој период децата немаат апетит за друга храна, а мајчиното млеко претставуваа одличен полновреден оброк кој содржи доволно вода, макронутритиени, но и витамини кои можат да спречат дехидратација и секако да му помогнат на детето полесно да се избори со болеста.

Подолготрајното доење го намалува ризикот од хронични болести кај децата, од дебелина во детството и ги подобрува когнитивните способности.


Многу од блиските знаат да ме прашаат “До кога планираш да ја доиш”?

Тоа е навистина незгодно прашање затоа што јас искрено не планирам ништо, детето нека си испланира само, до кога ќе сака.

Jас ќе бидам тука за неа, а ќе бидам многу среќна ако успееме до 24 месеци 😊

Се надевам дека моите совети и искуство ќе бидат од корист на многу нови мајки и ќе ги мотивираат и охрабрат во врска со доењето, но и доењето и вежбањето.

Драгана Младеновска

Магистер по фармација, Аеробик и Пилатес инструктор. Зависник од здрава исхрана и експериментирање во кујната.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *