5 идеи за здрава лесна вечера

Споделете со пријателите

Многу често луѓето прават грешки со вечерата, некогаш бираат погрешни намирници, погрешна комбинација или пак јадат многу доцна навечер, непосредно пред спиење.

Секако, ако ова ви се случи еднаш или два пати во месецот не е ништо страшно, но ако си го практикувате постојано, сето тоа може да придонесе за поголеми здравствени последици како зголемување на килограмите што пак води до други здравствени проблеми, потешкотии со варењето, лош квалитет на сонот, помалку енергија и исцрпеност следното утро, голем глад веднаш штом ќе станете и слично.

Можеби ќе ве интересира: Зошто после обилна вечера, утрото чувствуваме голем глад?

Многу често луѓето ги имаат сите овие симптоми и проблеми, но дури и не се свесни дека овие нарушувања се должат на нивниот нутритивен статус. Лошата исхрана е во директна корелација со квалитетот на живот, а квалитетен живот значи енергија низ денот, позитивни мисли, добар сон, повеќе самодоверба, мотивација, добар физички изглед кој не мора да е пресуден, убава и хидрирана кожа и тен и добро метално здравје.

Практикувајте да вечерате минимум 2 до 3 часа пред да одите во кревет, никако непосредно пред спиење, замислете си дека и на вашиот гастроинтестинален тракт му треба одмор и релаксација, а за да му го овозможите тоа треба да избегнувате прејадување и голема количина на храна пред спиење.

Идеи за здрави оброци му се добредојдени на секого, па затоа ќе ги споделам со вас моите најчести комбинации за здрава и лесна вечера:

  1. 2 варени јајца со салата

Јајцето за мене е број еден намирница за навечер, особено како оброк после вежбање.

Макронутритиенти од јајцето се искористуваат од телото скоро во целост, тоа е вистинска ризница на квалитетни и 100% искористливи протеини. Во комбинација со марула, зелка, рендан морков и слично добивате вистински лесен оброк кој не содржи повеќе од 300 калории (дури и помалку, зависи каква салата ќе изберете).

Едно јајце со просечна големина има околу 70 калории.

  1. Крем супа од зеленчук

Брз и хранлив оброк после кој нема да се чувствувате тешко. Едноставно е, ги сечкате ситно вашите омилени зеленчуци (јас најчесто ставам морков, тиквица, компир, брокула, кромид, додавам вода, маслиново масло и зачини) и ставате да се варат. Кога ќе омекне зеленчукот блендирате со рачен блендер и ете ја вкусната густа зеленчукова супа.

Може на крај да додадете сок од лимон и да уживате во богатиот зеленчуков вкус.

  1. Парче варено/динстано месо со салата

За да си ја олесните подготовката на овој оброк можете да сварите поголема количина на месо во недела па да си имате за неколку денови.

Брз начин на конзервирање на месото е топло да го ставите во тегла и да го затворите, потоа теглата ставете ја во тенџере со вода што врие и оставете малку да поврие за да се вакуумира. Ова е брз начин на пастеризација и вака можете да го чувате месото според мене до околу 7 дена.

Месото може да се комбинира со било каква сезонска салата.

Овој оброк е со низок гликемиски индекс и е одличен за навечер затоа што протеините споро ја ослободуваат својата енергија, за разлика од шеќерите каде ќе добиете еден инсулински пик, а кратко потоа пад на шеќерот и повторно чувство на глад.

Можеби ќе ве интересира:

Зошто храната со висок гликемиски индекс дебелее и зошто прави постојано да ни се јаде?

Табела со вредности за гликемиски индекс на најупотребуваните храни

  1. Свежа сезонска салта со ½ авокадо и семиња

Салата си ја бирате сами, може било што марула, зелка, домат, краставица, моркови. Мешате неколку зеленчуци додавате половина авокадо, малку маслиново масло, сок од лимон и хималајска сол. Во тавче без масло ставете 1 лажица ленено семе и 1 лажица сусам многу кратко да се запечат, бидете внимателни зошто лесно горат.

Наросете ги семињата одозгора и уживајте!

  1. Таратор со краставица и индиски ореви

Изрендајте 1 краставица и измешајте ја заедно со околу 200-300 g кисело млеко, додадете зачини по желба (сол, лук, магдонос), на крај додадете околу 30 g непечени и несолени индиски ореви.

Други идеи за брза лесна вечера:

Вкусен и брз ручек или вечера: Салата со леќа, марула и печурки

Брза салата: Киноа со маслинки и домат

Вкусна, хранлива и здрава салата со хељда

Драгана Младеновска

Аеробик и пилатес инструктор, Сопственик на FitLife Fitness Studio, Магистeр по фармација и диететика.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *