Како алкохолот влијае на слабеењето?

Споделете со пријателите

Внимавате на својот изглед, вежбате редовноно и се храните здраво, но сепак не ги постигнувате посакуваните резултати…

Можеби ќе ве интересира: Се храните здраво и вежбате редовно, но немате резултати!

Дали можеби пиете алкохол?

Иако алкохолот се почесто се занемарува во калориските пресметки на дневно ниво, сепак мораме да имаме во предвид дека и тој како и секоја храна има енергетска вредност која е поразлична од сите други макронутритуиенти кои ги внесуваме за задоволување на енергетските потреби на дневно ниво.

Всушност, 1 g алкохол содржи 7 kacl, што е повеќе од калориите кои ги содржи 1 g јаглехидрати и протеини (тие содржат 4 kacl/g), но сепак помалку од мастите (9 kcal/g). Според тоа стандарден алкохолен пијалок кој содржи 10 g алкохол содржи 70 kcal но, кога на таа вредност ќе ги додадеме и шеќерите кои ги содржат соковите кои се конзумираат заедно со алкохолот, оваа вредност значајно се зголемува. Алкохолните пијалаци и тоа особено коктелите се богати и со многу јаглехидрати, а не содржат никакви хранливи нутритиенти, па така со право можеме да кажеме дека алкохолот содржи многу празни калории.

Затоа доколку подолго време стагнирате со килограмите и покрај здравата исхрана и вежбањето, а уживате во убаво вино или чаша-две виски, тогаш размислете два пати пред да се напиете повторно.

Алкохолот и вежбањето

Најголемиот ефект што алкохолот го има кога е во прашање вежбањето е хидратацијата, односно дехидратацијата која ја предизвикуваат алкохолните пијалаци.

Алкохолот е диуретик и затоа колку повеќе пиете толку повеќе ризикувате дека телото ќе ви биде дехидрирано. Хидратацијата е многу важна кога е во прашање вежбањето и затоа доколку следниот ден имате тренинг бидете внимателни со количината на алкохол која ја внесувате, затоа што дехидратацијата може да предизвика потешкотии со самиот тренинг и да направи да се чувствувате летаргично и без енергија.

Алкохолот и метаболизмот

Кога е во прашање метаболизмот на алкохолот и неговата преработка, тогаш црниот дроб ја има главната улога. Алкохолот е токсин и црниот дроб има за цел да го неутрализира и да му помогне на телото полесно да се ослободи од него. Сето тоа негативно влијае на целокупниот метаболизам затоа што црниот дроб е многу значаен орган кој има многу функции во целокупниот метаболизам на храната и се што внесуваме во телото. Ако постојано го оптеретуваме со алкохол, тој нема да може да си ја врши својата примарна функција.

Алкохолот и регенерацијата на мускулите

Како што спомнавме погоре битно е да не консумирате алкохол пред вежбање, поради ризик од дехидратација, но истото би важело и за после вежбање. Доколку после тренинг не се хидрирате доволно и веднаш посегнете по алкохол, тоа ќе предизвика повторно дехидратација и многу тешка регенерација на мускулите од веќе завршениот тренинг.

Алкохолот и целокупното здравје

Освен на метаболизмот, алкохолот влијае и на другите сегменти на функционирање на телото. Доколку имате навика да пиете чашка вино или пиво пред спиење, сето тоа може многу негативно да влијае на вашиот сон и покрај фактот што мислите дека од една чаша пиво ви се приспива повеќе.

Дополнително штетните ефекти се најголеми доколку имате проблеми со крвниот притисок и со шеќерот во крвта, а тоа е особено изразено кај повозрасната популација.

Можеби ќе ве интересира: Дали знаете колку калории содржи вашиот омилен алкохолен пијалок?

Се погоре наведено не значи дека треба засекогаш да заборавите на алкохолот, умереноста е доблест за секого!

Дозволете си чаша вино или пиво, но не премногу често и бидете свесни за се што внесувате во своето тело!

Драгана Младеновска

Аеробик и пилатес инструктор, Сопственик на FitLife Fitness Studio, Магистeр по фармација и диететика.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *