Лесен и здрав рецепт за сите оние кои не сакаат да внесуваат глутен, конзерванси, штетни бои и ароми во својот организам. Основата во овој пудинг е просто кое заслужува да биде дел од исхраната поради бројните здравствени придобивки кои ги нуди.
Просото е богато со магнезиум и железо, претставува одличен извор на протеини (во 100 g просо има 10 g протеини), содржи калциум, фосфор, цинк, никел, витамин Е и витамини од групата Б.
Како што веќе споменавме, просото се издвојува од другите житарки поради фактот што не содржи глутен, но и поради тоа што е базна храна. Природната pH на организмот се движи во граници од 7.35-7.45, но има тенденција да се спушта (закиселување) како резултат на стрес и консумирање на одредени видови храна. Намалувањето на рН на организмот може да фаворизира појава на одредени заболувања.
Овој пудинг е одличен за целото семејство, одлична идеја за здрав појадок или за здрав десерт.
Потребни состојки за 4 порции:
- 150 g просо
- ½ L бадемово или кокосово млеко
- ½ L вода
- 2-3 супени лажици мед или агаве сируп
- 100 g мелени лешници или бадеми
- прстофат сол
- 2 мали лажички какао или пак малку ванила (по ваша желба).
Начин на подготовка:
Растителното млеко и водата заедно со медот или агаве сирупот ставете ги на оган да се загреат, потоа додадете го простото и оставете да се готви на тивко околу 30-40 минути. Проверувајте и промешувајте. Потребно е просто да ја впие течноста и убаво да омекне. Кога просото ќе омекне додадете ги мелените лешници или бадеми и со рачен блендер или миксер убаво измешајте ја целата содржина. По ваша желба додадете 2 лажички какао или малку ванила. Послужете го пудингот топол, а за декорација одозгора посипете малку мелени лешници или бадеми и наросете малку цимет.
На здравје!!!








