Сочен торта/колач со сливи и пудинг од чоколадо

Споделете со пријателите

Понекогаш некои десерти и вкусови така добро се надополнуваат што сама на себе си викам “Kако бе Драгана ти текна вака”? 😊

Рецептот го правев пред 2 недели ама не стигнав да го објавам.

Сочно, кремасто, но и помалку киселкасто од сливите. Совршено за овој период од годината.

Состојки за основата:

  • 150 g јатки (мелени) – можете да ставите било кои јатки
  • 80 g овесни снегулки (може мелени, но не мора)
  • 1 лажичка пециво
  • 2 јајца
  • 3 лажици кокосово масло
  • 10 g стевиа или 2 полни лажици мед

Фил од сливи:

  • 2 праски (не мора да ставате праски, и само со сливи ќе биде преубаво)
  • 8 модри сливи
  • 1 лажица мед
  • 1 лажичка цимет

Чоко-фил:

  • пудинг од чоколадо (јас го користам био пудингот од ДМ)
  • 300 ml бадемово млеко
  • 2 лажици мед или 20 g стевиа (ако сакате поблаго додадете повеќе)
  • 50 g темно чоколадо

Подготовка:

За подготовка на кората, јајцата и медот или стевиата ги матите убаво со миксер. Потоа во таа смеса ги додавате мелените јатки, овесните снегулки, пецивото и кокосовото масло. Соединувате убаво и ја ставате кората во тавче за печење. Можете да користите силиконско или пак обично, но ако користите обично ставете хартија за печење. Дијаметарот на моето тавче е 24-25 cm.

Пред да ја ставите кората на печење подгответе го филот од сливи затоа што кората се пече заедно со нив.

Ако користите и праски и сливи насечете ги на поситни парченца и во длабок сад додадете 1 лажичка цимет и 1 лажица мед и убаво измешајте.

Потоа само истурете ги и наредете ги одозгора врз кората.

Печете ја кората заедно со филот од сливи на 160-170С околу 20-25-тина минути. Следете го печењето затоа што секоја рерна е различна. Ќе видите сливите ќе се испечат убаво и ќе пуштат сок, а кората ќе се исуши.

Извадете и оставете да се олади.

За подготовка на чоко филот сварете го пудингот на стандарден начин само што наместо 500 ml млеко користете 300 ml за да биде погусто. Кога ќе биде готов пудингот, додадете го темното чоколадо и измешајте убаво. Истурете ја оваа чоко смеса врз сливите и оставете да се излади и стегне.  

Колачот или тортата (викајте го како сакате) се вистинско уживање!

Драгана Младеновска

Аеробик и пилатес инструктор, Сопственик на FitLife Fitness Studio, Магистeр по фармација и диететика.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *