Нема човек кој не сака пица, но кога ќе кажеме пица тоа секогаш не асоцира на брза и мрсна храна полна со многу празни калории. Но, замислете да уживате во вкусот на најубавата пица без да броите калории!
Ви предлагаме одличен здрав рецепт за подготовка на пица која содржи многу малку јаглехидрати и е одлична доколку се придржувате на принципот помалку јаглехидрати, а повеќе протеини и масти. Повеќе за овој тип на слабеење прочитајте тука.
Во прилог потребните состојки за подготовка на пицата (за 2 лица):
за кората:
- 400 g убаво сварен карфиол
- 1 кромид со средна големина
- 3 јајца
- 3-4 супени лажици овесни снегулки
- сол, бибер, куркума и малку мелен лук во прав
- 1 мала лажичка маслиново масло
одозгора:
- малку доматно пире
- 2 домати со средна големина
- 200 g моцарела
- 250 g шампињони
- босилек, малку сол.
Начин на подготовка:
Првин карфиолот убаво сварете го. Потоа исцедете му ја убаво водата и ставете го во блендер. Во блендерот додадете ги и јајцата и овесните снегулки и убаво изблендирајте дури не се добие хомогена и густа смеса.
Во друг сад изрендајте го на ситно кромидот, па потоа додадете ја мешавината од карфиол, јајца и овесни снегулки, мешајте со лажица па на крај додадете ги зачините и маслото. Доколку смесата е многу течна додадете уште 1-2 лажици овесни снегулки.
Во стандардно тавче за печење ставете хартија за печење врз која ќе попрскате малку масло. Потоа истурете ја смесата и распоредете ја рамномерно. Внимавајте да не биде слојот предебел.
Вака подготената кора ставете ја да се пече во загреана рерна на 250°С 10 минути. После 10 минути извадете ја од рерна и започнете со филувањето одозгора.
Првин премачкајте ја пицата со доматното пире, потоа доматите насечкајте ги на тркалца и наредете ги одозгора, врз нив ставете ги шампињоните и на крај парчињата моцарела. Посолете малку и додадете свеж или сув босилек.
Вратете ја пицата во рерна, но сега намалета ја рерната на 200°С и печете уште 20-25 минути.
Добар апетит!








