Размилсувате за здрав дресрт? Имаме идеја…здрави мафини со капини без шеќер!
Секој мафин содржи помалку од 2 g нето јаглехидрати (шеќери) и помалку од 150 kcal. Поради високата масленост на состојките, и едно парче ќе ве држи сити подолго време, а ќе ја добиете и потребната енергија од мастите и протеините.
Овие закуски се погодни за луѓе кои внимаат на внесот на јаглехидрати и имаат низок гликемиски индекс.
Потребни состојки:
- 30 g кокосово брашно
- 30 gr бадемово брашно
(кокосовото и бадемовото брашно се добиваат со блендирање на кокосови снегулки и бадеми во Нутри Булет или блендер со помоќно сечило, секоја состојка одделно)
- 35 gr путер
- 2 јајца
- 1 супена лажица кисела павлака (со врв)
- ½ лажичка ванила вкус
- 2-3 таблетки Stevia Zero Cal (од Harmony, се набавуваат во аптека)* по избор
- 18 Капини (свежи или смрзнати)
- 1 кафена лажичка прашок за пециво или сода бикарбона.
Начин на подготовка:
Во длабока чинија истурете ги брашното од кокос и брашното од бадеми. Доколку имате алергија на јаткасти плодови можете да ги замените 30 gr бадемово брашно со уште 30 g кокосово брашно (вкупно 60 gr). Во оваа смеса додадете го прашкот за пециво или содата, а потоа и двете јајца. Мешајте додека смесата не се соедини. Додадете го вкусот од ванила. Путерот треба да биде растопен но, не премногу топол (растопете го на пареа или во микробранова). Истурете го путерот во смесата. На крај додадете 2-3 таблетки Stevia Zero Cal кои предходно сте ги истолчиле за да бидат во прашкаста форма (целата таблетка нема да се раствори добро доколку не е истолчена). Внимавајте на фактот дека стевиа остава горчлив вкус доколку се користи во поголема количина. Додадете ја павлаката и повторно мешајте. Сите состојки добро измешајте ги со лажица. Откако рачно ќе ги измешате состојките префрлете ја смесата во блендер и пулсирајте околу 30 секунди или додека не стане релативно помека и потечна.
Во 6 калапи за мафини истурете по околу една лажица од сместа. Ставете две капини врз неа и дополнете ги калапите така што ќе внимавате секој од нив да има еднаква количина. На крај врз сместа ставете по една капина во средината на секој мафин и не ја притискајте во тестото.
Вака припремените мафини печете ги на 180-190 степени во предходно загреана рерна помалку од 20 минути. Во зависност од видот на рерната (кај венилирани рерни температурата се распоредува еднакво и се совршени за ваков вид печење) проверете дали се испечени со дрвена чепкалка за заби на тој начин што ќе ја боцнете во тестото и ќе видите дали чепкалката излегува чиста. Внимавајте и на бојата на горната кора како и на самиот мирис, па точно ќе знаете кога да го прекинете печењето.
Извадете ги мафините и оставете 30 минути да се оладат.
Можете да ги јадете веднаш или откако ќе бидат целосно изладени да ги оставите во фрижидер. Ваквите мафини може да се комбинираат со пудинг од капини и чија. Секако, наместо капини во рецептот можете да искористите малини или јагоди. Овие три вида овошје имаат особено ниска содржина на шеќер во 100 gr. Исто така можете да експериментирате со вкусови, наместо ванила да додадете рум или некој друг по ваш избор.
Марифетот, што би рекле старите, се состои во комбинацијата на основните состојки а вкусовите можат да варираат (35 g путер, 60 g брашно од јаткасти плодови или кокос, 2 јајца и полна лажица павлака). Наместо благата варијанта можете да подготвите и солена, со додавање на сецкани суви патлиџани, маслинки, сирења и зачини. Истите пак можете да ги подготвите и со чоколадо или какао (внимавајте да биде над 75 % содржина на какао). Органското кокосово масло не е погодно за употреба на високи температури па не се препорачува како замена за путер во овој рецепт.








