Овие здрави мафини се уште еден случаен рецепт, барајќи начин како да го искористам просото кое неколку денови ми стоеше во фиока (зошто е здраво да се јаде просо, прочитајте тука). Се подготвуваат многу брзо и не ви се потребни некои специјални вештини за готвење. Едноставно ги подготвувате состојките, мешате и ги полните калапчињата 😊
Во продолжение рецептот.
Потребни состојки:
- 10 лажици просо
- 2 лажици мелен сусам
- 1 лажица мелено ленено семе
- 2 лажици кафеав шеќер
- ½ прашок за пециво
- ½ лажичка цимет
- 50 g путер
- 2 јајца
- 1 рендано јаболко
- 10-тина јагоди
- по желба може и аронија, малини, боровинки и сл.
Начин на подготовка:
Просото ставете го во блендер и убаво иситнете го. Потребно е да добиете брашно од просо. Во подлабок сад ставете го брашното од просо, мелениот сусам, меленото ленено семе, кафеавиот шеќер, пецивотот и циметот. Со лажица убаво промешајте.
Јаболкото излупете го и изрендајте го. Во друг сад изматете ги јајцата и во нив додадете го путерот (претходно растопен). Јагодите насечкајте ги на ситни коцки.
Во садот со сувите состојки додадете го ренданото јаболко и јајцата со путер и убаво соединете.
Наполнете ги калапчињата за мафини, но не до врв. Оставете малку место и одозгора ставете ги ситно насечканите јагоди. Опционално доколку сакате можете наместо јагоди да ставите и малини, аронија или боровинки.
Ставете ги мафините да се печат на температура од 200-220°С околу 20-25 минути.
Добар апетит!
Можеби ќе ве интересира:








