Ако размислувате што да појадувате, а тоа да биде здраво, еве ви предлог – Овесна каша со банана, какао и праска.
Зошто да јадете овесна каша?
1) Го намалува нивото на холестерол
Овесните снегулки содржат и растворливи и нерастворливи хранливи влакна. Нерастворливите помагаат за полесно празнење на цревата, додека растворливите од кои најпознат е бета-глуканот во дигестивниот тракт го врзуваат холестеролот и ја намалуваат неговата концентрација во крвта.
2) Го регулираат нивото на шеќер во крвта
Бета-глуканот во дигестивниот тракт освен холестеролот ги врзува и шеќерите и помага во намалување на нивото на шеќер во крвта. Ова е особено важно за луѓето со дијабетес.
3) Го намалуваат ризикот од појава на дијабет тип 2
Покрај тоа што овесните снегулки ја намалуваат апсорпцијата на шеќерот од дигестивниот тракт, содржат и магнезиум кој има улога на ко-фактор за ензимите кои учествуваат во синтеза на инсулин.

4) Помагаат во слабеењето
Овесните снегулки ќе ве направат да се чувствувате сити подолго време. Бета-глуканот во овесот го намалува апетитот преку стимулација на лачење на хормони кои го контролираат апетитот.
5) Го зголемуваат имунитетот
Бета-глуканот го зајакнува имуниот систем преку стимулација на белите крвни клетки, одоговорни за елиминирање на бактериите.
6) Го намалуват ризикот од канцер
Овесните снегулки содржат лигнани кои се наоѓаат и во лененото семе, сусамот, брокулите…Лигнаните се т.н фитоестрогени кои имаат позитивни ефекти врз хормон-зависните канцери како што е канцерот на дојка и канцерот на простата.
Како да подготвите вкусна овесна каша со какао, банана и праска?
Потребни состојки:
- 3 супени лажици овесни снегулки
- 1 банана
- 1 лажичка какао
- 1 лажичка мед
- 1 лажичка ленено семе
- 5-6 лешници или бадеми
- 150-200 ml вода или млеко (количината на течност варира во зависност од тоа дали сакате погуста или поретка овесна каша)
- малку цимет (по желба)
- кокосово брашно (по желба)
- 1 праска
Начин на подготовка:
Овесните снегулки, бананата, какаото, медот, лешниците или бадемите, лененото семе, водата и циметот ставете ги во блендер и убаво измешајте ги додека добиете хомогена смеса. Доколку сакате овесните снегулки да останат цели, немора да ги блендирате состојките, едноставно помешајте ги сите заедно. Ставете ја кашата во чинија и оставете ја во фрижидер минимум 30 минути, иако можете да ја подготвите и навечер, а да ја јадете следното утро. Овесните снегулки и лененото семе ќе ја впијат водата и овесната каша ќе стане погуста. Извадете ја овесната каша од фрижидер, праската насечкајте ја на ситни коцки и измешајте ги заедно. На крај посипете со кокосово брашно и уживајте.
На здравје!!!








