Home Исхрана Лосос во бел кремаст сос од бело вино и путер

Лосос во бел кремаст сос од бело вино и путер

16
0

Лососот е една од најздравите риби која се препорачува да се јаде барем еднаш неделно. Богата е со омега- 3 масни киселини кои се добри за срцето. Оваа риба содржи и многу протеини. Во парче од 200 g има околу 40 g, што задоволува голем дел од дневните потреби за протеини (се препорачува дневниот внес на протеини да биде околу 1-2 g/kg телесна тежина).  Исто така со едно парче лосос ќе внесете и 100% од дневните потреби за витамин Б-12.

За денес имаме интересен и брз предлог за подготовка на лосос во бел кремаст сос од бело вино и путер.

Потребни состојки:

  • 2 филети лосос
  • 30 g путер (1-2 лажици)
  • 1 чаша бело вино
  • сок од половина лимон
  • 1 главица кромид
  • 100 ml неутрална павлака за готвење
  • ситно сечкан свеж магдонос
  • сол и црн бибер.

Начин на подготовка:

Најпрвин доколку сакате изделете ја кожата од рибата, иако можете да ја оставите и да ја готвите заедно со неа. Доколку се решите да ја извадите можете да ја ставите да се пече и да направите чипс (погледнете го видеото подолу).

Посолете ги филетите лосос со сол и црн бибер. На оган во тавче ставете го путерот да се растопи па додадете ги двете филети лосос да се пржат. Пржете по неколку минути и од двете страни. Потоа додадете го виното и сокот од лимон. Кромидот исечкајте го на многу ситно и додадете го во тавчето. Оставете го кромидот да омекне околу 4-5 минути, па додадете ја неутралната павлака. Посолете со сол и црн бибер и оставете на тивко да се згусне околу 2-3 минути. На крај ставете ја рибата на чинија за сервирање, а во тавата со бел сос додадете го сечканиот свеж магдонос. Прелијте ја рибата со белиот сос и искомбинирајте го овој здрав оброк со свежа салата.

Едно парче лосос риба (околу 200 g) содржи повеќе од 400 калории така што дополнителни додатоци и гарнир со ова јадење нема да ви биде потребно.

Целосната постапка за подготовка можете да ја видите и на видеото подолу.

На здравје!

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here