Овој ручек беше еден од оние подготвени од тоа што имав во фрижидер. Финалниот производ беше вкусно и здраво вариво кое сигурно ќе го правам почесто.
Потреби состојки за 4 порции:
- 3 филети бел ослич
- 2 моркови
- 2 компири
- 1 китка броколи
- 1 страк праз
- 1 тиквичка
- 2 лажици киноа
- 1 коцка за супа
- малку сол, бибер , магдонос и лук во прав
- 1 лажица маслиново масло
- 1 L вода.
Начин на подготовка:
Ако имате купено замрзнат ослич оставете го да се размрзне и насечкајте го на ситни коцки. Белите филети ослич се без коски и кожа така што многу лесно ќе ги насечкате на коцки.
И другиот зеленчук насечкајте го на ситни коцки.
Во тенџерето во кое ќе ја правите манџата ставете го маслиновото масло да се загрее. Потоа додадете го насечканиот зеленчук и сосема кратко пропржете. Водата загрејте ја и во неа ставете ја коцката за супа, па додадете ја на зеленчукот. Потоа додадете ја и насечаната риба и убаво промешајте. Додајте малку сол, бибер, магдонос и лук во прав. На крај додадете ги двете лажици киноа. Оставете на многу тивко да се готви околу 15-20 минути.
Ќе добиете вкусна , здрава и густа манџа која ќе ја сака целото семејство.
На крај доколку сакате можете да додадете и неколку капки оцет или сок од лимон.
Добар апетит!








