Лососот е една од најздравите риби која се препорачува да се јаде барем еднаш неделно. Богата е со омега- 3 масни киселини кои се добри за срцето. Оваа риба содржи и многу протеини. Во парче од 200 g има околу 40 g, што задоволува голем дел од дневните потреби за протеини (се препорачува дневниот внес на протеини да биде околу 1-2 g/kg телесна тежина). Исто така со едно парче лосос ќе внесете и 100% од дневните потреби за витамин Б-12.
За денес имаме интересен и брз предлог за подготовка на лосос во бел кремаст сос од бело вино и путер.
Потребни состојки:
- 2 филети лосос
- 30 g путер (1-2 лажици)
- 1 чаша бело вино
- сок од половина лимон
- 1 главица кромид
- 100 ml неутрална павлака за готвење
- ситно сечкан свеж магдонос
- сол и црн бибер.
Начин на подготовка:
Најпрвин доколку сакате изделете ја кожата од рибата, иако можете да ја оставите и да ја готвите заедно со неа. Доколку се решите да ја извадите можете да ја ставите да се пече и да направите чипс (погледнете го видеото подолу).
Посолете ги филетите лосос со сол и црн бибер. На оган во тавче ставете го путерот да се растопи па додадете ги двете филети лосос да се пржат. Пржете по неколку минути и од двете страни. Потоа додадете го виното и сокот од лимон. Кромидот исечкајте го на многу ситно и додадете го во тавчето. Оставете го кромидот да омекне околу 4-5 минути, па додадете ја неутралната павлака. Посолете со сол и црн бибер и оставете на тивко да се згусне околу 2-3 минути. На крај ставете ја рибата на чинија за сервирање, а во тавата со бел сос додадете го сечканиот свеж магдонос. Прелијте ја рибата со белиот сос и искомбинирајте го овој здрав оброк со свежа салата.
Едно парче лосос риба (околу 200 g) содржи повеќе од 400 калории така што дополнителни додатоци и гарнир со ова јадење нема да ви биде потребно.
Целосната постапка за подготовка можете да ја видите и на видеото подолу.
На здравје!








