Ова требаше да биде банана лепче, но ете така случајно излегоа банана колачиња… 😀
Еве што сè ставив, и на крај ми излегоа 24 колачиња:
- 200 g снегулки (јас користев по 50 g од 4 вида: овесни, ‘ржани, јачменови и пченкарни) – ги ставив во блендер за да се добие брашно
- 1 јајце (мислам дека може и без него, иако јас ставив)
- 1 банана
- 2 лажици мед
- ½ лажичка цејлонски цимет
- 1 лажица чиа семе
- 50 g путер
- 50 g суво грозје – може и брусница или некое друго.

Подготовка:
Снегулките како што напишав погоре првин ги ставив во блендер за да станат брашно, потоа во нив го додадов чиа семето, циметот и сувото грозје. Во блендер ги ставив бананата, јајцето, путерот и медот. На крај двете смеси ги споив, и бидејќи густината беше баш за колачиња решив да направам колачиња, а не банана лепче. Вадев мали топчиња и ги правев како бомбиници, а потоа ги потиснував за да се добијат кружни колачиња.
Можете да ги направите со дупче на средина и во дупчето да ставите џем.
Ги печев на хартија за печење во загреана рерна на 180˚С околу 10-15 минути (зависи колку ви е јака рерната, кај мене е многу јака, па беа готови побрзо).
На крај за да бидат уште повкусни ги валкав во чоколадо, а потоа во мелена гранола (тоа ви е опционално, мене ми беше мерак).
Бидејќи немав дома чоколадо – си направив сама! Ставив малку путер и путер од кикиритки на тивок оган да се стопат, тргнав од оган за малку да се излади, па додадов малку мед и 1 лажица какао.
Можеби така напишано звучи комплицирано, но баш е едноставно и брзо, и ги правев паралелно со ручекот. Така што не се мислете, и направете ги. 😊 Нема да зажалите, ви гарантирам!
Еве и линк од рецептот на мојот профил на инстаграм.
На здравје!








