Home Исхрана Тикварник со јуфки

Тикварник со јуфки

120
0

Ова е еден стар рецепт од мајка ми кој секогаш ме враќа назад во детството…

Тиква не обожавам воопшто, и ја јадам само во пита или вака со јуфки.

Сакав да направам слика која повеќе ќе зборува за вкусот, но не ми одеше баш… вкусот е совршенство… се враќав во кујна да дојадам неколку пати, а и Ана беше воодушевена. 😊

Еве ги состојките:

  • 300 g рендана тиква
  • 4 лажици кокосов шеќер (може да се замени и со друг засладувач, пример мед)
  • малку цимет
  • јуфки (не знам колку ставив затоа што ставав со рака)
  • 400 ml кокосово млеко (можете и вода или обично кравјо млеко, јас ставив кокосово поради Ана, а го подготвив така што 3 лажици кокос ги потопив во зовриена вода и ги оставив цела ноќ, следен ден изблендирав и процедив, и кокосот што остана не го фрлив туку го ставив во тиквата)
  • 3 лажици агаве сируп (може мед или друг засладувач)
  • малку ванила за вкус
  • малку маслиново масло (за попрскување).

Начин на подготовка: 

На изренданата тиква и го додадов кокосовиот шеќер и циметот, и ја оставив кратко да се измешаат состојките и самата тиква да пушти малку сок.

Кокосовото млеко малку го загреав, и во него го додадов агаве сирупот и ванилата.

Во кружен плех попрскав малку маслиново масло и ставив еден ред јуфки, врз нив попрскав уште малку масло и ставив пола од смесата со тиква. Одозгора пак ред јуфки и пак малку маслиново масло. Последен ред беше преостанатиот дел од ренданата тиква. На крај наросив малку кокосов шеќер и го прелив тикварникот со загреаното кокосово млеко.

Печев во рерна на 180-200°С околу 20 минути. На почеток на печењето можете да покриете со фолија за да не изгори одозгора, а внатре да остане јуфката жива.

Совршено беше и на мирис и на вкус!!!

За нас тројца тикварникот беше појадок, но може и да биде десерт. 😊

На здравје!

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here