Home Здравје Мешавина од јатки, семиња и житарки

Мешавина од јатки, семиња и житарки

220
0

Практична мешавина која може да има многу примени и да ја користите во многу оброци, притоа правејќи ги истите многу нутритивни.

Оваа мешавина си ја правам често и ми е многу практична и за себе и за Ана. 🙂

Од состојките кои ги напишав подолу ќе добиете околу 300 g од мешавината, што е доволно за повеќе денови. Обично во појадокот ставам по 2-3 лажици. На крај ви напишав и идеи како може да ја користите.

1 лажица е околу 10 g, така што од оваа количина би имале за минимум 10 појадоци/оброци.

Нутритивни вредности во 1 лажица:

  • 53.3 калории
  • 3.7 g јаглехидрати
  • 3.8 g масти
  • 1.7 g протеини
  • 1.2 g влакна.

Зошто оваа мешавина е одлична за деца?

Ако ја видиме содржината на протеини по лажица, и истата ја помножиме по 3 колку што мојата ќерка јаде за појадок, тоа е 5 g протеини во оброкот. Потребата на децата за протеини е од 1-1.5 g/kg телесна тежина. Мојата ќерка има 9.5 kg. Дневно минимум би требало да внесува по 9.5 g протеини.

Со овој појадок таа веќе внела дури повеќе од 50% од дневната препорачана количина за протеини.

Како да ја подготвите мешавината?

Состојки:

  • 50 g бадеми
  • 50 g лешници
  • 50 g индиски ореви
  • 30 g овесни снегулки
  • 30 g ‘ржани снегулки
  • 30 g пченични никулци
  • 30 g кокосови трошки
  • 30 g ленено семе.

Сите состојки ставете ги во блендер, но не блендирајте долго за да не излезе маслото од јатките и содржината да стане како влажна т.е. масна.

Ставете во стаклена тегличка и имате спремна мешавина која може да ја искористите на повеќе начини, и притоа да добиете одличен хранлив појадок.

Еве некои идеи и предлози како да ја користите:

  1. 3 лажици прелијте со топла вода, додадете ½ банана, 1 лажичка мед и малку
    замрзнато овошје (наместо вода може да се додаде и некое растително млеко)
  2. Можете да додадете 2 лажици во омлет и да добиете одлично балансиран оброк + салата секако
  3. Измешајте 2-3 лажици со кисело млеко/јогурт или кефир.
  4. Направете си хранливо зелено смути – ставете во блендер малку спанаќ, 1 портокал, 2
    лажици од мешавината и околу 200 ml вода
  5. Можете да ја искористе мешавината за да подготвите вкусни бомбици за ужина – измешајте
    околу 100-150 g, додадете 1 банана и малку кокосово масло. Со лажица правете топчиња кои можете да ги
    валкате поврторно во мешавината или само во кокосови трошки.
  6. Користете ја мешавината за да ја зголемите нутритивната вредност на било што и да печете,
    пример во смесата за палачинки, тостерки, во проја, во каков било колач.
  7. Можете да им додавате на децата по 1 лажица дури и во палента/тарана и слично.

Ова е слика од првиот предлог, т.е. од појадокот на Ана утрово. Изедено до последна лажица! 😊

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here