Роденденска здрава торта

Споделете со пријателите

Ова е рецептот за мојата роденденска торта што ви го ветив пред некој ден. Сите три слоја некако предобро се вклопија. Првиот e неутрален, вториот е многу чоколадно кремаст и баш богат, а третиот и дава неверојатна свежина.

Состојки:

прв слој – жолт

  • 1 јајце
  • 5 лажици овесно брашно
  • 40 g путер
  • 1 лажица мед
  • малку прашок за пециво
  • 1 лажичка куркума

втор слој – чоколаден

  • 5- 6 лажици гриз
  • вода – немам мерка ставив да се облие гризот и малку плус
  • 150 g црно чоколадо со 75% какао  
  • 40 g путер
  • 100 g индиски ореви (киснати во вода)

трет слој – вишна

  • 300 g замрзнати вишини
  • малку вода
  • 1 лажица мед (ако сакате поблаго може и 2 лажици)
  • 1 кесичка желатин.

Начин на подготовка:

За подготовка на првиот слој јајцето и медот ги матев со миксер неколку минути, кога смесата стана убава и пенеста го додадов брашното, стопениот путер, прашокот за пециво и кукрумата и продолжив да мешам со миксерот, но на најмала брзина. За многу брзо смесата стана еднолична и густа.

Плехот во кој ја печев тортата беше со страничен обрач кој се вади со дијаметар 22 cm. Пред да го излијам првиот слој, плехот го премачкав со путер. Ставив да се пече во загреана рерна на 180˚С околу 10-12 минути. Доста беше тенко така да многу брзо се испече.  

За подготовка на вториот слој првин ги изблендирав индиските така што им ја фрлив водата во која се киснеле и им додадов 2-3 лажици нова вода па ги ставив во блендер. Се доби паста од индиски ореви.

Во тавче на оган го ставив гризот да се вари со вода. Кога се згусна ја додадов чоколадата, путерот и пастата од индиските ореви. Чоколадото и путерот одма се стопија затоа што гризот беше топол. Тука смесата ја соединив мешајќи со лажица.

За третиот слој вишните ги оставив малку да се одмрзнат, не целосно, но доста омекнаа. Ги ставив во блендер иако може да ги оставите и така цели. Пред блендирање додадов 1 мала чашка вода. Изблендираната смеса од вишни ја ставив на оган малку да се загрее, но не да врие и во неа го додадов медот.

Во меѓувреме желатинот го растворив со вода, значи на една кесичка ставам околу 70-80 ml вода од око. За кратко тој се активираше и ја впи водата. Не знам дали сте користеле желатин, но за да може успешно да гелира треба да се внимава како се подготвува.

Кога ќе ја впие целосно водата земав од таа содржина 2 лажици и ставив во топлите вишни и мешав дури желатинот целосно не се растопи. Вишните не смеат да вријат затоа што ако смесата во која го ставате желатинот е премногу врела  структурата на гелот кој треба да го направи желатинот ќе се наруши.

На почеток смесата со вишни е навистина течна, но истурете ја врз чоколадниот дел и оставете ја во фрижидер да си се стегне. За 2 часа отприлика ќе ја имате оваа вкусна торта спремна за сечење и јадење.

Ќе очекувам таг 😊 не мора за роденден, направите ја за да ги израдувате најблиските 😊

Тортата е навистина мјами 🙂

https://www.instagram.com/p/B_SIJ9-nxki/
Драгана Младеновска

Аеробик и пилатес инструктор, Сопственик на FitLife Fitness Studio, Магистeр по фармација и диететика.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *