Разбудете го телото со напиток кој ви даде енергија, ќе ви ги отвори очите на здрав начин, ќе ве наполни со нутритиенти и секако ќе ви помогне да го прочистите телото од токсини.
Имаме 3 одлични предлози за пролетни напитоци кои се одлични за прочистување на телото.
Зелен чај со лимон, мед и ѓумбир
Детокс напиток за убаво утро и енергичен ден. Комбинацијата на намирници е одлична за исфрлање на токсините од телото и контрола на апетитот.
Потребни состојки:
- 1 ќесичка зелен чај
- сок од 1 лимон
- 1 лажичка мед
- малку свеж рендан ѓумбир или ½ лажичка во прав
- 250 ml зовриена вода
Начин на подготовка:
Ќесичката зелен чај прелијте ја со зовриената вода и оставете 10 минути да се екстрахираат компонентите од зелениот чај.
Потоа во малку изладениот зелен чај додадете го сокот од лимон, медот и ѓумбирот. Убаво промешајте и по желба додадете неколку коцки лед.

Цитрус енерџи микс со цимет и мед
Освежувачки вкус кој ќе ви даде енергија и на здрав начин ќе ви ги отвори очите. Исто така бидејќи овој детокс напиток содржи цимет кој ќе ви помогне во регулација на инсулинот, со тоа ќе ги намалите нападите на глад во текот на денот и ќе го контролирате апетитот.
Потребни состојки:
- сок од ½ грејпфрут
- сок од ½ портокал
- сок од ½ лимон
- 1 лажичка мед
- ½ лажичка цимет
- 250 ml вода.
Начин на подготовка:
Сите состојки измешајте ги во голема чаша и по желба додадете коцки лед.
Нане со спирулина и краставица
Одлична комбинација за зајакнување на имунитетот и за пролетно чистење.

Потребни состојки:
- 1 ќесичка чај од нане
- неколку тркалца краставица
- 1 лажичка органска спирулина во прав
- 250 ml зовриена вода.
Начин на подготовка:
Ќесичката чај од нане прелијте ја со зовриената вода и оставете 10 минути да се екстрахираат компонентите од чајот. Потоа во малку изладениот чај од нане додадете ја спирулината и неколку тенки кругови краставица. По желба додадете неколку коцки лед.
Кој напиток и да го изберете нема да погрешите. 🙂
Направете го правилниот избор за себе и за своето здравје!








