Ова е еден стар рецепт од мајка ми кој секогаш ме враќа назад во детството…
Тиква не обожавам воопшто, и ја јадам само во пита или вака со јуфки.
Сакав да направам слика која повеќе ќе зборува за вкусот, но не ми одеше баш… вкусот е совршенство… се враќав во кујна да дојадам неколку пати, а и Ана беше воодушевена. 😊
Еве ги состојките:
- 300 g рендана тиква
- 4 лажици кокосов шеќер (може да се замени и со друг засладувач, пример мед)
- малку цимет
- јуфки (не знам колку ставив затоа што ставав со рака)
- 400 ml кокосово млеко (можете и вода или обично кравјо млеко, јас ставив кокосово поради Ана, а го подготвив така што 3 лажици кокос ги потопив во зовриена вода и ги оставив цела ноќ, следен ден изблендирав и процедив, и кокосот што остана не го фрлив туку го ставив во тиквата)
- 3 лажици агаве сируп (може мед или друг засладувач)
- малку ванила за вкус
- малку маслиново масло (за попрскување).
Начин на подготовка:
На изренданата тиква и го додадов кокосовиот шеќер и циметот, и ја оставив кратко да се измешаат состојките и самата тиква да пушти малку сок.
Кокосовото млеко малку го загреав, и во него го додадов агаве сирупот и ванилата.
Во кружен плех попрскав малку маслиново масло и ставив еден ред јуфки, врз нив попрскав уште малку масло и ставив пола од смесата со тиква. Одозгора пак ред јуфки и пак малку маслиново масло. Последен ред беше преостанатиот дел од ренданата тиква. На крај наросив малку кокосов шеќер и го прелив тикварникот со загреаното кокосово млеко.
Печев во рерна на 180-200°С околу 20 минути. На почеток на печењето можете да покриете со фолија за да не изгори одозгора, а внатре да остане јуфката жива.

Совршено беше и на мирис и на вкус!!!
За нас тројца тикварникот беше појадок, но може и да биде десерт. 😊
На здравје!








