Не е ова некој генијален рецепт, но пробав да го адаптирам во здрава верзија и можам да кажам дека успеав. Добив многу голема количина. Наполнив 30 мали корпички за колачи и ми се здосади од полнење, па остатокот (уште половина) го натапкав во правоаголно плехче. Тоа излезе како чоколадо со експандиран ориз и ќе го кршиме и така ќе го јадеме.
Потребни состојки:
- 100 g експандирани житарки
- 100 g интегрален сусам
- 2 лажици таан
- 3 лажици мед
- 100 g путер (може и кокосово масло, но со него ќе бидат помеки)
- 75 g црно чоколадо.
Начин на подготовка:
Јас користев 4 експандирани житарки ги има од Натура и мислам дека ги има во сите маркети. Ако не најдете мешавина од 4 житарки можете да земете само експандиран ориз, но барајте интегрален.
Сусамот треба да биде тостиран, ставете го во тавче и почекајте малку да пушти мирис и арома. Ќе почнат да пукаат зрната и тогаш ќе знаете дека му е доволно.
Таанот, медот, путерот и црното чоколадо стопете ги на пареа или на слаб оган. Измешајте на крај се заедно и полнете мали корпички за колачи со лажица.
Ставете ги во фрижидер да се стегнат и готови се за јадење. Во замрзнувач ќе се стегнат побрзо.
Излегува навистина голема количина со малку нармирници. Ќе си имате здрава ужинка и за вас и за децата за цела недела.
Инаку можете да ги чувате и во замрзнувач и така да си вадите и да си јадете. Баш се вкусни поладни затоа што не замрзнуваат скрос 😊
Јас одозгора им наросив малку мелени лешници за да биде убава сликата 😊
Ве очекувам со тагови! Вреди да се проба, превкусно и прелесно е!









