Овие неодоливи Ferrero Rocher бомбици се одличен здрав десерт за целото семејство.
Рецептот е многу едноставен, се подготвуваат многу брзо, не се печат и навистина многу наликуваат на познатите Ferrero Rocher чоколатца.
Ако ги направите еднаш, ќе ги правите постојано! 🙂
Потребни состојки (за околу 25 бомбици):
- 200 g лешници
- 60 g непечени индиски ореви
- 120 g урми
- 20 g какао путер (може и обичен путер)
- 20 g какао во прав
за чоколаден прелив:
- 35 g какао во прав
- 30 g какао путер (може и обичен путер)
- 45 g кокосово масло
- 1 лажица мед.
Начин на подготовка:
Оставете на страна околу 25 индиски ореви и лешници за полнење на бомбиците. Остатокот од индиски ореви и лешници сомелете ги во сецко или блендер до прашкаста форма.
Урмите исчистете ги од семките и оставете ги во топла вода да омекнат околу 5 минути.
Какао путерот стопете го и во него додадете ги мелените лешници и индиски ореви, какаото во прав и урмите. Смесата ставете ја во блендер или сецко за убаво да се соедини.
Формирајте топчиња и во секое топче ставете по еден индиски орев или лешник.
За подготовка на филот стопете ги првин какао путерот и кокосовото масло и во смесата додадете го какаото и медот.
Со добиениот чоколаден прелив прелијте ги сите Ferrero Rocher бомбици.
По желба одозгора можете да наросите мелени лешници.
Добар апетит! 🙂
Повеќе идеи за здрави десерти пронајдете тука.








