Здравствени ризици од вишокот килограми

Споделете со пријателите

Дебелината и вишокот килограми се многу повеќе отколку само естетски и физички проблем. Негативните медицински последици се во најголем број случаи поврзани со хипертензијата и инсулински-независен дијабетес мелитус заедно со нивните компликации.

Дебелината може да се класифицира со користење на индексот на телесна маса (Body Mass Index).

Индексот на телесна маса се дефинира како однос на тежината во килограми и квадрат од висината во метри.

На линкот во продолжение можете да си го пресметате својот индекс на телесна маса доколку си ја знаете моменталната тежина и висината:

калкулатор на индекс на телесна маса

Во табелата можете да ја видите класификацијата и да определите според вашиот индекс на телесна маса каде припаѓате.

КАТЕГОРИЈА ИНДЕКС НА ТЕЛЕСНА МАСА – BODY MASS INDEX (BMI) – kg/m2
потхранетост <18.5
нормална тежина 18.5-24.9
зголемена тежина 25.0-29.9
гојазност (класа I) 30.0-34.9
гојазност (класа II) 35.0-39.9
екстремна гојазност (класа III) >40.0

Колку е повисок индексот на телесна маса толку се поголеми здравствените ризици.

Во овој текст ќе зборувам само за здравствените проблеми кои може да ги предизвика дебелината, а начините како да се надмине можете да ги најдете во скоро секоја моја објава каде имате безброј совети за здрави оброци, идеи за правилно и балансирано комбинирање на намирници, совети за физичка активност и слично…Мојата заложба и визија се да им пренесам на луѓето дека здравјето е навистина најбитно, а тоа е во директна корелација со нашиот стил на живот, со исхраната и со нашите навики.

Здравствените ризици кои ги носи дебелината можат да се поделат во неколку групи и тоа: медицински, хируршки, гинеколошки и социјални проблеми.

Медицински проблеми

Медицинските проблеми кои најчесто се јавуваат кај луѓето со вишок килограми вклучуваат кардиоваскуларни нерегуларности и тоа пред се хипертензија или зголемен крвен притисок. Според некои научни истражувања потврдено е дека за секој 10 kg плус доаѓа до зголемување на крвниот притисок и тоа за 3mmHg на систолниот и за 2 mmHg на дијастолниот. Врската помеѓу килограмите и зголемувањето на крвниот притисок не е целосно јасна ни за науката. Една од претпоставките е намалената ренална филтрациона рата која може да предизвика ретенција на натриум, а со тоа да се зголеми крвниот притисок.

Дебелината исто така предизвикува инсулинска резистенција што доведува до хиперинсулинемија, а од друга страна пак самиот инуслин ја зголемува тубуларната реапсорпција на натриум.

Кај гојазните луѓе се јавува и зголемена катехоламинска активност што доведува до зголемено ослободување на слободни масни киселини од црниот дроб. Овие масни киселини ја инхибираат синтезата на гликоген и ја потенцираат инсулинската резистенција. Исто така доаѓа и до зголемување на концентрацијата на ренин од бубрезите што дополнително допринесува за ренална задршка на натриум.

Високиот крвен притисок иако можеби не звучи страшно сепак е многу значен за развој на многу сериозни кардиоваскуларни проблеми. Постојаниот притисок врз артериите и вените предизвикува тие да станат нееластични што доведува до ризик од појава на срцев и мозочен удар.

Друга ризик и состојба која се јавува кај луѓето со вишок килограми е високата концентрација холестерол и триглицериди во крвта. Зголемениот холестерол се однесува на зголемување на концентрацијата на липопротеинските честички со мала густина или т.н “лош холестерол”. Најчесто кај пациентите кои се под ваков ризик се јавуваат зголемени вредности за LDL, а намалени вредности за HDL кој е познат како “добар холестерол”. Сето тоа допринесува за ризик од развој на артериосклероза што може да предизвика срцев удар односно запушување на крвните садови и ризик од исхемија. LDL холестеролот многу лесно оксидира и се лепи и таложи на ѕидовите на крвните садови. Овој процес не трае 2 дена, тоа е процес кој трае со години и за жал луѓето стануваат свесни кога стеснувањето на крвните садови е алармантно.

Затоа, секогаш кога правите анализа на крвта ако имате покачени вредности за холестерол не ги игнорирате, туку преземете нешто за намалување на истите.

Не почнувајте веднаш со фармаколошка терапија односно со лекови. Исхраната и стилот на живот се првата линија која мора да ја пробате, ако не делуваат, дури тогаш се посегнува по фармаколошки третман.

Дијабетес мелитус тип II е многу чест кај гојазните луѓе, причината е како резултат на инсулинската резистенција која предизвикува зголемено ниво на глукоза во крвта.

Респираторните компликации исто така се многу чести кај гојазни луѓе поради масното ткиво кое го има околу градите и абдоменот, што доведува до намалување на волуменот на белите дробови.

Виталниот капацитет и вкупниот капацитет на белите дробови се намалуваат и често се јавуват абнормалности во вентилацијата – перфузијата кои придонесуваат да се јави хипоксија, но нормален артериски pCO2. Исто така гојазните луѓе се под голем ризик да развијат и спиечка апнеа.

Гојазните луѓе имаат зголемен ризик од малигни заболувања како што е карцином на простата кај мажи и карцином на дојка кај жени. Тие исто така се склони кон колоректален и карцином на жолчен меур.

Дегенеративниот артритис, исто така, се јавува повеќе кај дебели лица. Дебелината или индекс на телесна маса поголема од 30 kg/m2, исто така, носи трипати зголемен ризик од предвремена смрт.

Предиспозицијата за нарушувања на кожата се зголемува заради наборите на кожата кај дебелите пациенти.

Исто така постои голема поврзаност помеѓу дебелината и остеоартритисот. Жените кои имаат вишок килограми имаат поголем ризик да развијат артртис и да имаат проблеми со зглобовите поради голема тежината која мора да ја носат коските и зглобовите. Единствена предност на дебелината кај жените е што во периодот на менопауза вишокот масно ткиво има во себе естроген кој ги штити жените од губење на коскената густина односно од остеопороза.

Хируршки проблеми

Гојазните пациенти кај кои треба да се прави хируршки зафат се под поголем ризик од компликации, причината лежи во недостапноста на ткивото кое треба да се оперира поради вишокот на кожа и масни наслаги.

Исто така, има задоцнување во заздравувањето на раните кај гојазните пациенти поради формирање на хематом, зголемено потење и ризик од инфекција на раните.

Гинеколошки проблеми

Гинеколошките проблеми кои потекнуваат од вишокот килограми варираат од менструални проблеми и нерегуларности, па се до аменореа (изостанок на менструален циклус).

Причината е затоа што кај гојазни жени има пореметен метаболизам на половите хормони. Дебелината предизвикува зголемено лачење на хормони од  надбубрежната жлезда и зголемено производство на естроген, но и зголемена периферна конверзија на андрогените во естрогени.

Вишокот естроген е всушност најголемиот причинител на гинеколошките компликации. Поради големата изложеност на естрогени жените со вишок килограм се под ризик да развијат канцер на ендометриум (матка), јајници и дојка. Исто така ризикот за појава на полицистични јајници се зголемува. Дополнително, дебелината е голем ризик фактор за неполодност.

Гојазноста предизвикува и многу проблеми во бременоста. Па така, гојазните жени во бременоста најчесто развиваат гестациски дијабет, хипертензија, пре-еклампсија и имаат ризик да родат големи бебиња. Породувањето кај такви жени е може да биде долго и да има ризик од компликации.

Социјални и психолошки проблеми

Социјалните и психолошките проблеми кај луѓето со вишок килограми се многу чести. Вишокот килограми влијае на самодовербата, прави индивидуата да се срами од луѓето околу себе со што се потенцира анти-социјалноста. Исто така гојанзите луѓе имаат потешкотии со наоѓање партер, па тоа ги прави уште подепресивни, чувствувајќи се беспомошно и посегнувајќи повторно по храна која им е единствена утеха, но за жал храната само го продлабочува проблемот.

Повеќе за емоционалното јадење, прочитајте тука.

Заклучок

Трошокот на здравствениот систем предизвикан од гојазноста е огромен и тоа особено ако се стават на вага сите компликации и состојби кои потекнуваат од дебелината.

Третманот е едноставен и сите го знаат, но не сите го применуваат.

За жал дебелината не е настинка и симптомите на компликации најчесто доаѓаат многу касно кога некои проблеми се веќе иреверзибилни како што е оштетувањето на крвните садови, бубрежна слабост (може да настане од дијабет), исхемични мозочни удари кои во кревет врзуваат многу луѓе.

Можеби ќе ве интересира: Што е метаболички синдром и како да препознаете дали го имате?

Промената на животниот стил, воведувањето на здрави навики и физичка активност се третманот од избор. Можеби прогресот со ваков природен третман ќе оди полека, но битно е дека ќе оди во нагорна линија.

Реагирајте на време!!!

Дури сме млади телото е способно да компензира и маскира. И можеби навидум вие изгледате супер и супер се носите со дебелината, но хроничните состојби во телото работата и работат!

Целта на текстот ми е да пробам да го запалам алармот кај некој од вас укажувајќи дека здравјето ни е најбитно и за него мораме да се грижиме подеднакво и на 20 и на 30 и на 60 години. Дебелина не е естетски проблем, туку болест која мораме да ја третираме како и секое друго нарушување во телото.

Не смеете да останете рамнодушни на вишокот килограми, тие се вистинскиот тивок убиец!

Здравјето е во наши раце, да го зачуваме!!!

Драгана Младеновска

Аеробик и пилатес инструктор, Сопственик на FitLife Fitness Studio, Магистeр по фармација и диететика.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *