Што е метаболен синдром и како да препознаете дали го имате?

Споделете со пријателите

Метаболен синдром е збир од 5 најчести метаболни пореметувања и тоа: инсулинска резистенција и покачени вредности на шеќер/глукоза во крвта, натрупување на масно ткиво околу струкот, зголемен крвен притисок, зголемени триглицериди во крвта и низок HDL холестерол (“добар холестерол”).

  • глукоза (шеќер во крвта на гладно) >/=5.6 mmol/L
  • серумски триглицериди >/= 1.7 mmol/L
  • серумски HDL холестерол < 1.04 mmol/L
  • крвен притисок >/= 130/85 mm Hg
  • обем на струк > 94 cm кај мажи или >80 cm кај жени

Сите горенаведени патологии се на некој начин поврзани и најчесто доведуваат до сериозни здравствени проблеми со кардиоваскуларниот систем. Доколку имате 3 од горенаведените 5 фактори тогаш можете да бидете дијагностицирани дека имате метаболички синдром.

Метаболичкиот синдром е сериозна здравствена состојба која може да прогресира и да доведе до сериозни нарушувања на здравјето. Гојазноста т.е дебелината и неактивниот начин на живот се коренот на оваа состојба, но се и единствените фактори кои можеме да ги контролираме со промена на животниот стил.

Факторите како старост и генетика кои исто така имаат улога во развојот на метаболичкиот синдром се фактори кои не се во наши раце и врз нив немаме влијание.

Затоа потребно е да станеме свесни за состојба и да започнеме да делувате онаму каде што ние и нашето тело имаме моќ да го направиме тоа.

Од метаболен синдром страда 20-25% од возрасната популација и овој процент е во постојан пораст. Причината пред се лежи во лошите животни навики и лошата исхрана, консумирање храна богата со јаглехидрати и неактивен животен кои се главните причини за појава на гојазност од која понатаму потекнуваат сите фактори кои го карактеризираат метаболичкиот синдром, а можат да бидат сериозна закана за здравјето.

Метаболниот синдром и здравствените проблеми кои произлегуваат од него би требало да се сфаќаат посериозно, затоа што срцевите заболувања и удари се причина број еден за смртност во светот и тоа на глобално ниво. Но, освен кардиоваскуларните заболувања не смееме да го заборавиме и хормоналниот дисбаланс кој се јавува кога во телото владее “хаос”, тој може да биде причина за стерилитет и проблеми со забременување кои се многу чести во денешно време и скоро секој втор пар добива дете со асистирана репродукција односно со ин витор техника.

Кои се причините за појава на метаболен синдром?

Веќе набројавме некои најзначајни причинители на метаболичкиот синдром, но за да биде појасно ќе ги издвоиме како посебни точки:

  • лоша исхрана богата со многу јаглехидрати, транс масти, а сиромашна со свежа храна, квалитетни протеини и здрави масти
  • нередовна исхрана и често прејадување
  • физичка неактивност, и седечки начин на живот
  • недостаток на сон
  • стрес
  • дебелина/ гојазност
  • генетска предиспозиција
  • стареење.

Ова се само некои од најзначајните причини за појава и прогресија на метаболичкиот синдром.

И кога би гледале малку подлабоко на работите исхраната и физичката активност зависат од нас и на тоа можеме да делуваме веднаш.

Од друга страна здравата исхрана и физичката активност помагаат за подобрување на сонот и намалување на стресот што анулира уште неколку од причините за појава на метаболички синдром.

Метаболичкиот синдром може да доведе до појава на дијабет тип 2 и артериосклероза која може да предизвика појава на тромбоза и срцев удар.

Како да ја превенирате појавата на метаболен синдром?

Од пресудно значење е физичката активност, половина или еден час вежбање 3 или 4 пати во неделата значајно ќе го намалат ризикот од појава на метаболички синдром.

Зарем немате 3 часа време во цела недела?

Пешачете, користете го скалите наместо лифтот, трудете се да бидете активни максимално што можете. Започнете да вежбате некоја групна активност со повеќе луѓе затоа што така ќе бидете помотивирани и нема лесно да се откажете.

Прочитај повеќе за типот на тренинзи и месечна членарина, тука.

Доколку започнете со физичка активност ќе имате мотивација и да се храните поздраво, што е уште еден чекор до подобро здравје.

Исклучете го од исхраната белиот леб, белото брашно и белиот шеќер во целост. Бирајте ги намирниците правилно и свесно, јадете почесто квалитетни протеини во комбинација со свежи салати. Јадете мешунки, јаткасти плодови, пијте многу течности, но не газирани и алкохолни пијалаци. Водата е најдобриот напиток за рехидратација и нека ви биде избор број 1 секогаш!

Редовно правете проверки на крвта, барем 2 или 3 пати во годината затоа што и покачените масти и покачениот шеќер се тикви убијци и не даваат никакви симптоми. Кога веќе проблемот ќе биде направен дури тогаш можеби ќе почувствувате нешто. Затоа полесно е да се спречи, отколку да се лечи, па фатете го проблемот навреме.

Мерете го крвниот притисок почесто и што е најважно контролирајте ја тежината. Трудете се да ја одржувате во нормални граници. Мерете се секој ден и не дозволувајте никако килограмите да одат нагоре!

Кратко кажано како заклучок, основните правила за лечење на метаболичкиот синдром се: физичка активност, намалување на телесната тежина, здрава исхрана, доволно сон, намалување на стресот и редовни лекарски прегледи.

Можеби ќе ве интересира:

Се што треба да знаете за високиот крвен притисок и 5 начини како да го намалите

Што да јадете, а што не доколку имате висок холестерол и триглицериди?

Вежбате, а не слабеете! Зошто?

Драгана Младеновска

Аеробик и пилатес инструктор, Сопственик на FitLife Fitness Studio, Магистeр по фармација и диететика.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *