Киноа палачинки (без јајца и без брашно)

Споделете со пријателите

Највоздушестите палачинки на светот, а се без јајца, без брашно и од само 4 состојки (ја бројам и водата 😊).

Неутрални се и можете да ги јадете и во солена и во блага варијанта.

Јас ги мачкав со таан, мед и омилениот џем од сливи без шеќер. Полесно нешто немам направено. Ана со полна уста се тегнеше да и се даде уште 😊

Слободно можете да ги давате и на вашите бебиња кои имаат 8 месеци.

Без глутен се па еве одличен предлог за вкусен оброк за оние кои имаат алергија или нетолерантност на глутен.

Еве го рецептот:

  • 1 чаша киноа
  • 1 чаша вода
  • 1 лажица маслиновo масло
  • 1 лажичка пециво (јас го користам тоа од ДМ)

Подготовка:

Киноата ја киснете во вода преку ноќ, значи миниум 7-8 часа. Следното утро ја фрлате водата и додавате 1 чаша нова вода. Мерете со истата чаша со која сте мереле киноа, битно е да се запази тој однос. Додадете 1 лажица маслиново масло и 1 лажичка пециво. Ставете се во блендер и мешајте дури не добиете еднолична густа смеса. Се добива баш добра густина како за палачинки.

Пржете во тавче што не лепи без масло. Од оваа количина јас добив 15 палачинки со американска големина 😊

Толку се воздушести што едноставно не ми се веруваше како од само една состојка се добија такви.

Следен пат ќе ги филувам солено 😊

Ве чекам со слики 😊

Драгана Младеновска

Аеробик и пилатес инструктор, Сопственик на FitLife Fitness Studio, Магистeр по фармација и диететика.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *