Мафини од киснати просо, хељда и црвена леќа

Споделете со пријателите

Овие мафини не беа планирани, просото, хељдата и леќата ги ставив преку ноќ да се киснат со цел следниот ден да ги јадам живи, изртени во салата. Но, многу често кога ќе застанам во кујна ми се раѓаат други идеи и најчесто тоа што ми е планирано завршува сосема различно како што беше случајот и сега.

Киснатите семиња ги ставив во блендер и од нив се доби убава густа смеса која знаев дека е совршена за одлични мафини. Резултатот беше фантастичен затоа што кога се испекоа мафините беа совршени. Одозгора се формираше убава и крцкава кора, а внатре беа меки и наликуваа како да сте ги правеле со бело брашно.

Потребни состојки:

  • 2 лажици просо
  • 3 лажици хељда
  • 5 лажици црвена леќа
  • 1 главица кромид
  • 2 јајца
  • 1 лажица маслиново масло
  • малку хималајска сол и зачини по желба
  • за одозгора сусам и ленено семе.

Начин на подготовка:

Семињата измешајте ги заедно и прелијте ги со вода. Оставете ги да киснат преку ноќ, но додадете повеќе вода затоа што многу брзо ќе ја впијат. Следниот ден фрлете им ја водата и ставете ги во блендер. Ќе добиете убава густа смеса. Кромидот насечкајте го на ситни парченца иако можете и да го изрендате. Ставете го во изблендираната смеса и таму додадете ги и јајцата и маслиновото масло. На крај зачинете со оние зачини кои ги сакате и додадете малку хималајска сол. Јас задолжително додавам малку лук во прав, кој ми дава навистина одлична арома и вкус.

Со лажица полека ставете од смесата во калапи за мафини и одозгора врз секој мафин наросете малку лен и сусам. Од оваа количина јас добив околу 14 мафини. Ставете ги да се печат на температура од 180-200°С околу 20-тина минути. Секако проверувајте затоа што потребно е одозгора убаво да заруменат.

Комбинирајте ги овие мафини со свеж домат и краставица и уживајте во лесниот појадок, ручек или вечера.

Добар апетит!

Драгана Младеновска

Аеробик и пилатес инструктор, Сопственик на FitLife Fitness Studio, Магистeр по фармација и диететика.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *