Растурен омлет со зеленчук

Споделете со пријателите

Шарен растурен омлет со многу зеленчук. Овој протеински оброк е одличен за после добар тренинг, но и одлична идеја за здрав ручек доколку сакате да го намалите внесот на јаглехидрати. Времето за подготовка е само 15 минути, така што немате изговори дека немате време да се храните здраво 🙂

Намалување на внесот на јаглехидрати, а за таа сметка зголемување на внесот на протеини и масти може да ви помогне во остварување на новогодишната желба, конечно оваа година да ги намалите тие 5-6 kg плус. Повеќе за овој начин на исхрана како ефикасен метод за слабеење прочитајте тука.

Овој омлет со зеленчук содржи 400 калории по порција, околу 20 g протеини и само 13 g јаглехидрати. Одлично се комбинира со зелена салата од марула, спанаќ и рукола.

Потребни состојки:

  • 3 јајца
  • 1 морков
  • 1 чаша свежа сецкана зелка
  • 1/2 чаша брокула (може и замрзната, а доколу е свежа обарете ја само 1-2 минути)
  • 1 младо кромидче
  • малку свежо оригано (по желба)
  • 1 супена лажица маслиново масло
  • сол, црн бибер и малку куркума

Начин на подготовка:

Зеленчукот ситно исечкајте го. Во тефлонско тавче кое не лепи ставете го маслиновото масло.  Кога ќе се загрее додадете го насечканото младо кромидче и морковот. Пропржете ги 2-3 минутки дури не омекнат. Потоа додадете ги зелката и брокулата и продолжете со пржење уште 5-6 минутки. Во друг сад изматете ги трите јајца, во нив додадете малку сол, црн бибер и малку куркума. Кога зеленчукот ќе биде убаво омекнат и испржен прелијте го со изматените јајца и пржете уште 2-3 минутки.

На крај насечкајте малку свежо оригано и посипете одозгора.

Можеби ќе ве интересира: 5 идеи за оброк после вежбање.

Драгана Младеновска

Аеробик и пилатес инструктор, Сопственик на FitLife Fitness Studio, Магистeр по фармација и диететика.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *