Овие вкусни енергетски барови ги направив сосема случајно од намирниците кои ги имав во кујна, решена да направам нешто слатко, благо – а здраво.
Одлични се за здрав десерт во кој било дел од денот, или пак за појадок. Ќе ви дадат многу енергија затоа што содржат лешници и бадеми кои содржат здрави масти. 🙂
Потребни состојки (за 16 барови):
- 10 лажици овесни снегулки
- 100 g мелени лешници
- 50 g мелени бадеми
- 1 лажица мелено ленено семе
- 1 лажица чиа семе
- 2 лажици мед
- 1 банана
- 5-6 замрзнати јагоди (ги ставив затоа што имав останати, но не мора)
- по желба можете да додадете и 50 g сува брусница, или некое друго суво овошје по ваша желба
- 100 ml вода.
Начин на подготовка:
Прво во блендер ставете ги овесните снегулки и малку иситнете ги, не е потребно да бидат како брашно, но сепак да бидат поситни од вообичаено. Потоа во блендер/сецко измелете ги бадемите и лешниците. Во друг подлабок сад измешајте ги овесните снегулки заедно со мелените лешници и бадеми. Во оваа смеса додадете го меленото ленено семе и чиа семето, и убаво соединете.
Во блендерот потоа ставете ја бананата, медот, водата и јагодите (ако немате јагоди не мора да користите, или пак заменете ги со некое друго овошје на пр. портокал или јаболко). Убаво изблендирајте ја оваа смеса, потребно е да добиете течна смеса која наликува на смути.
На крај соединете ги двата дела, сувиот со овесните снегулки и јаткастите плодови и течниот со бананата и медот. Убаво измешајте и оставете ја смесата да постои 15 минути во фрижидер. Тоа е доволно време овесните снегулки малку да впијат од водата и смесата убаво да се поврзе.

Во правоаголен плех на хартија за печење истурете ја смесата и со шпатула формирајте убав правоаголник. Ставете да се пече/суши на 100°С околу 30-40 минути. Потоа извадете и насечете го правоаголникот на мали правоаголници (мене ми излегоа 16), па вратете да се досушат повторно на 100°С уште 1 час.
На крај завиткајте ги сите барови во хартија или фолија и чувајте ги во стаклен сад во фрижидер.

Јадете си наутро по едно за енергија, или пак во текот на денот во моментите кога кризирате за нешто слатко.
На здравје! 🙂
Повеќе идеи за здрави десерти можете да пронајдете тука.








