Енергетски барови со овесни снегулки, лешници и бадеми

Споделете со пријателите

Овие вкусни енергетски барови ги направив сосема случајно од намирниците кои ги имав во кујна решена да направам нешто слатко, благо, а здраво.

Одлични се за здрав десерт во било кој дел од денот или пак за појадок. Ќе ви дадат многу енергија затоа што содржат лешници и бадеми кои се калорични поради здравите масти кои ги содржат.

Потребни состојки (за 16 барови):

  • 10 лажици овесни снегулки
  • 100 g мелени лешници
  • 50 g мелени бадеми
  • 1 лажица мелено ленено семе
  • 1 лажица чиа семе
  • 2 лажици мед
  • 1 банана
  • 5-6 замрзнати јагоди (ги ставив затоа што имав, но не мора)
  • по желба можете да додадете и 50 g сува брусница или некое друго суво овошје (јас не додадов затоа што во моментот немав)
  • 100 ml вода.

Начин на подготовка:

Првин во бленедер ставете ги овесните снегулки и малку иситнете ги, не е потребно да бидат како брашно, но сепак да бидат поситни од вообичаено. Потоа во блендер/ сецко измелете ги бадемите и лешниците. Во друг подлабок сад измешајте ги овесните снегулки заедно со мелените лешници и бадеми. Во таа смеса додадете го меленото ленено семе и чиа семето и убаво соединете.

Во блендерот потоа ставете ја бананата, медот, водата и јагодите (ако немате јагодите не мора да користите или пак заменете ги со некое друго овошје пр. портокал или јаболко). Убаво изблендирајте ја оваа смеса, потребно е да добиете течна смеса која наликува на смути.

На крај соединете ги двата дела сувиот со овесните снегулки и јаткастите плодови и течниот со бананата и медот. Убаво измешајте и оставете ја смесата да постои 15 минути во фрижидер. Тоа е доволно време овесните снегулки малку да впијат од водата и смесата убаво да се поврзе.

Во правоаголен плех на хартија за печење истурете ја смесата и со шпатула формирајте убав правоаголник. Ставете да се пече/суши на 100°С околу 30-40 минути. Потоа извадете и насечете го правоаголникот на мали правоаголници (мене ми излегоа 16), па вратете да се досушат повторно на 100°С уште 1 час.

На крај завиткајте ги сите барови во хартија или фолија и чувајте ги во стаклен сад во фрижидер.

Јадете си наутро по едно за енергија или пак во текот на денот во моментите кога кризирате за нешто слатко.

На здравје!

Повеќе идеи за здрави десерти можете да пронајдете тука.

Драгана Младеновска

Аеробик и пилатес инструктор, Сопственик на FitLife Fitness Studio, Магистeр по фармација и диететика.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *