Здрави вегански бургери од леќа

Споделете со пријателите

Не дека месото не е здраво, но понекогаш на телото му е потребна пауза од животински продукти и детоксикација. Правете си предизвици и прочистувајте го телото почесто, не јадете месо неколку дена. Во тој период внесувајте храна исклучително од растително потекло и многу свежа салата. Можеби токму таков период за прочистување ќе биде после новогодишните празници…Многу сарми, руска салата, месо, мрсна храна….Епа време е за детоксикација!!!

Интересна, лесна и вкусна варијанта на здрави вегански бургери од леќа. Искомбинирајте ги со свежа зелена салта и малку варена брокула.

Еве што е потребно:

  • 2 шолји варена леќа
  • 1 главица кромид
  • 1 морков
  • 2 чешниња лук
  • 1/2  тиквица
  • малку мелени бадеми (наместо лебни трошки)
  • сол, бибер, суво нане, суво оригано и буковец
  • малку маслиново масло

Начин на подготовка:

Леќата мора да биде сварена. Кога ќе ја сварите, 2 шолји леќа ставете во подлабок сад и убаво изгмечете со вилушка или со лажица за правење пире. Морковот, кромидот и тиквицата изрендајте ги и додадете ги кај леќата. Лукот насечкајте го на ситно и заедно со солта и зачините додадете го на смесата. Убаво измешајте и доколку смесата е течна додадете мелени бадеми за да се згусне. Доколку сакате можете да додадете и лебни трошки.

Од готовата смеса формирајте бургери и наредете ги во тепсија обложена со хартија за печење, попрскајте ги бургерите со малку маслиново масло и печете ги во загреана рерна на 200°С околу 20-тина минути. Потребно е бургерите одозгора да фатат кора, а внатре да бидат меки.

curried-lentil-burgers-recipe

Сервирајте ги со зелена салата и малку варена брокула.

Зошто почесто да јадете леќа?

Затоа што не содржи заситени масти, богата е со протеини, селен, железо, растителни влакна, фолна киселина и е иделна за намалување на телесната тежина. Во 100 g варена леќа има 9 g протеини и 8 g растителни влакна.  Леќата ја помага работата на дигестивниот систем и го олеснува празнењето на цревата, помага во стабилизирање на нивото на шеќер во крвта и го чува кардиоваскуларното здравје.

Повеќе рецепти за здрави оброци пронајдете тука.

Драгана Младеновска

Аеробик и пилатес инструктор, Сопственик на FitLife Fitness Studio, Магистeр по фармација и диететика.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *