Здрав колач од јаболка и просо

Споделете со пријателите

Купивте просо и не знаете што да правите со него? Имаме интересен предлог за подготовка на здрав колач од јаболка и просо. Одличен е за вкусен попладневен десерт заедно со топло црно кафе.

Можеби ќе ве интересира: Домашен здрав пудинг од просо со чоколадо или ванила.

Потребни состојки:

  • 300 g просо
  • 4-5 јаболка
  • 3-4 лажици мед или кафеав шеќер
  • ½ L млеко (бадемово или кокосово, иако може и обично или вода)
  • 5 лажици маслиново масло
  • 1 лажичка цимет
  • малку изрендана кора од лимон

Начин на подготовка:

Најпрвин јаболката излупете ги и изрендајте ги. Во нив додадете го медот, маслиновото масло, циметот и наренданата кора од лимон.

Просото ставете го во мелница за кафе или во блендер/сецко и ситно сомелете го. Потребно е да направите брашно од просо.

Потоа додадете го просото во садот со јаболката и во садот налијте го млекото. Смесата измешајте ја убаво. Потребно е да биде убаво соединета и хомогена.

Ставете да се пече во плех во кој сте ставиле хартија за печење. Плехот нека биде со големина 20cm x 30 cm или ако е кружен бр. 36 или 38. Печете го колачот во загреана рерна на температура од 200С околу 40-45 минути. Сепак проверувајте бидејќи времето на печење зависи од самата рерна.

На крај потребно е водата/ млекото целосно да испарат и колачот убаво да зарумени.

Добар апетит!

Драгана Младеновска

Аеробик и пилатес инструктор, Сопственик на FitLife Fitness Studio, Магистeр по фармација и диететика.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *