Целулитот е без сомнение најголемиот проблем со кој се соочува скоро секоја жена. Околу 85% до 98 % од жените имаат проблеми со целулитот. Целулитот е непријател на жените и најчесто показател за лош животен стил, како лоша и нездрава храна и неактивност.
Што е целулитот?
Целулитот претставува наслаги од масно ткиво кое се собира на нозете и бутовите, на задникот, стомакот и на рацете. Се карактеризира со вдлабнатини и чворови на површината на кожата и затоа често се нарекува и “портокалова кора”. Поточно целулитот претставува масно ткиво и токсини кои го слабеат сврзното ткиво меѓу кожата и мускулите при што се создаваат набори на самата кожа. На создавањето целулит најмногу влијаат хормоните, а клучен хормон е естрогенот. Хормоните покрај многуте улоги во организмот имаат и задача да даваат цврстина и еластичност на кожата. Тие ја регулираат циркулацијата на крвта и лимфата при што го потпомагаат и натрупувањето на масното ткиво. Покрај естрогенот, во создавањето целулит учествуваат и други хормони како адреналин, норадреналин, кортизол, како и инсулин, пролактин и тироидните хормони. Целулитот многу почесто се појавува кај жените отколку кај мажите. Во продолжение некои од причините кои влијаат на појавата на целулит:
- Хормонски промени
Хормонските промени го слабеат сврзното ткиво околу масните клетки и негативно влијаат на структурата која ја одржува еластичноста на кожата. Овие промени најчесто се случуваат после 35 година, кога естрогенот кај жените природно почнува да опаѓа. Тогаш се јавува слабеење на рецепторите во крвните садови во делот на бутовите и задникот. Доаѓа до намалување на циркулацијата што настанува како резултат на слабиот доток на крв и хранливи материи во тие делови од телото. Сето тоа негативно влијае на производството на колаген при што доаѓа до слабеење на квалитетот на кожата и сврзното ткиво.
- Менструалните циклуси
Менструалните циклуси исто така играат важна улога во создавањето целулит бидејќи во периодот дури трае 28 дневниот менструален циклус доаѓа до повеќекратна промена на концентрацијата на хоморните. Естрогенот во првите неколку денови од циклусот го има во поголема концентрација, за на крај постојано да почне да опаѓа доколку не дојде до оплодување. Целулитот природно повеќе е застапен меѓу женската популација споредено со мажите, особено во критичните зони каде и се насобира целулитот. Студиите покажуваат дека мажите значително подобро го разградуваат масното ткиво во споредба со жените, а на тоа најмногу влијае токму естрогенот.
- Возраста
Состојбата со целулитот се влошува со годините бидејќи сврзното ткиво слабее, а кожата почнува да ја губи еластичноста со што доаѓаат до намалување на циркулацијата и лимфната дренажа во критините делови од телото.
Набројаните причини за појава на целулит се фактори кои не зависат од нас. Скапите креми за намалување на целулитот кои ветуваат врвни резултати за жал нема да ви помогнат да се решите од целулитот доколку сте неактивни и се храните нездраво. Најчесто контролата врз целулитот е збир од повеќе превентивни мерки кои делуваат синергистички. Во продолжение неколку едноствни превентивни чекори со кои целулитот можете да го држите под контрола.
- Исхрана
Одберете начин на исхрана кој ќе ви помогне полесно да ги намалите вишокот килограми. Со правилна и урамнотежена исхрана се топи масното ткиво и се подобрува општото здравје. Тоа директно или индиректно ќе ви помогне и во борбата со целулитот. Јадете повеќе свежа храна, избегнувајте рафинирани шеќери и конзервирани намирници. Подготвувајте ја сами храната и бидете свесни за тоа што го внесувате.

- Подобрете ја телесната и лимфната циркулација
Подгответе си домашен пилинг за целулит и масирајте ги зафатените делови на секое туширање. Како пилинг можете да го искористите и талогот од кафе.

- Физичка активност
Секако дека физичката активност мора задолжително да се најде на оваа листа. Изберете активност која ќе ја подобри крвната и лимфната циркулација. Трудете се да ги зајакнете мускулите и да го намалите масното ткиво затоа што колку повеќе масно ткиво имате на критичните места, толку повеќе ќе биде видлив целулитот. Било која физичка активност го раздвижува телото и ја зголемува циркулацијата. Изберете ги скалите наместо лифтот, пешачете, трчајте, вежбајте аеробик, пилатес, зумба или пак одете во теретана.

- Вклучете омега-3 во својата исхрана
Една од поважните предности што ги имаат омега-3 масните киселини е и поттикнувањето на создавање калоген што значително ќе го намали создавањето целулит.
- Внесувајте доволно вода
Внесувањето на доволно тречност во организмот е исто така од витално значење, со тоа ќе ја забрзате размената на материите. Внесувањето на доволно вода во организмот ќе спречи дехидратација и ќе ви помогне да ја одржите еластичноста на кожата.








