Мисиркиното месо е многу хранливо и е супериорно во однос на пилешкото. 200 g мисиркино месо содржат 240 калории, 42 g протеини и само 2,5 g масти.
Ако немате идеја како да го подготвите, ние имаме одличен предлог – Полнети тиквички со мелено мисиркино месо. Во продолжение рецептот.
Потребни состојки (за двајца):
- 300 g мисиркино месо
- 100 g моцарела
- 1 поголема тиквичка
- 2-3 млади кромитчиња
- 3-4 лажици јогурт
- 1 лажица маслиново масло
- малку хималајска сол, црн бибер, куркума и лук во прав.
Начин на подготовка:
Најпрвин ставете го маслото да се загрее и во него додадете го ситно насечканите млади кромитчиња. Кога ќе омекнат додадете го месото и пропржете. Посолете со малку хималајска сол, црн бибер и куркума.
Тиквичката поделете ја на два дела по должина. Средината убаво извадете ја, но не ја фрлајте. Потребно е да направите убава вдлабнатина. Во вдлабнатината ставете го меленото месо и врз него ставете тенко насечкани парчиња моцарела.
Ставете ги тиквичките да се печат на 200⁰С околу 20-тина минути.
Дури тиквичките се печат, ставете го во блендер остатокот од тиквичката, оној што го извадивте од средината заедно со јогуртот, малку хималајска сол, црн бибер и лукче во прав. Соединете убаво и потоа ставете го кратко да се пропржи во тавчето во кое го правевте месото.
Кога ќе се испечат тиквичките прелијте ги одозгора со сосот и сервирајте заедно со свежа зелена салата, рукола и ротквица. По желба можете да наросите и малку интегрален сусам или лен.
Добар апетит!
Рецептот и сликата ни ги испрати Елена Ѓорѓиевска.








