3 рецепти за подготовка на здрави маринади за месо

Споделете со пријателите

Маринада е ароматична течност на база на масло и киселина (оцет или лимонов сок) или вино, на која и се додаваат зачини и продукти по желба. Маринадата се користи за омекнување и збогатување на вкусот на месото. Процесот на маринирање може да трае од неколку минути до неколку денови. Киселината која се додава во маринадата (оцет или лимонов сок) прави месото да омекне и да се распадне малку неговото ткиво, што потоа прави месото да е сочно и меко. Меѓутоа бидете внимателни затоа што многу киселина може да го оштети месото, па затоа не треба да се претерува и заборава месото во маринада.

Маринираното месо е кревко и вкусно за јадење. Подготовката на маринада за месо нема да ви одземе многу време, а ќе го направи ручекот многу вкусен.

Имаме 3 предлози за подготовка на здрави маринади за свинско, пилешко или мисиркино и телешко месо.

Маринада за свинско месо:

  • 50 ml вода
  • 50 ml црвено вино
  • 1 лажица сенф
  • 2-3 чешниња ситно сецкан лук
  • 1 лажица сува мајчина душица
  • ¼ лажичка кари зачин
  • малку сол и бибер (по желба)

Маринада за бело месо – пилешко/мисиркино:

  • 1 лажица маслиново масло
  • 1 лажица оцет
  • 2 лажици вода
  • 2 лажици бело вино
  • 1 лажичка ѓумбир во прав
  • 1 лажица мед
  • сол и црн бибер (по желба)

Маринада за телешко месо:

  • 50 ml вода
  • 50 ml црвено вино
  • 1 лажица маслиново масло
  • 1 кромид (изрендан)
  • 1 лажичка мелена црвена пиперка (буковец, по желба може и лут)
  • малку сув рузмарин
  • сол и црн бибер (по желба)

Маринадите се подготвуваат така што сите состојки се мешаат и кога ќе се добие хомогена смеса месото се потопува и се остава да стои во маринадата.

Најдобро е да ја подготвите маринадата навечер и да го оставете месото преку ноќ да седи во неа. Следниот ден подгответе го месото на вашиот омилен начин (динстано, печено, пржено и сл.).

Ако немате толку многу време на располагање и 1 час е доволно време месото да поприми од аромите на маринадата и да апсорбира дел од течноста.

Добар апетит!

Драгана Младеновска

Аеробик и пилатес инструктор, Сопственик на FitLife Fitness Studio, Магистeр по фармација и диететика.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *