Сакате ли за своето тело и своето здравје да направите нешто позитивно, да се доведете во топ форма и да постигнете топ кондиција – епа седнете на велосипед и возете. Сончевото пролетно време е најдобро за рекреација во природа. Велосипедот немора да биде рекреативно средство само за во слободно време, туку и идеално превозно средство. Ако многу работите и имате повеќе обврски, па не ви останува многу време да посветите на физичка активност и вежбање, токму велосипедот е она што ќе ви помогне. Ќе заштедите време и пари и ќе се наполните со позитивна енергија до крајот на денот. Со тек на времето исто така ќе создаете посилна телесна кондиција и поцврсти мускули кои ќе придонесат да се чувствувате многу поенергично и повитално.

6 причини зошто да возите велосипед:
- Согорувате калории
Тоа е лесен начин да се потрошат калории и една од најдобрите активности за симнување на вишокот килограми. Жена која има околу 60 kg ако вози со брзина од 20-25 km/h согорува до 480 калории за 60 минути. Ако вози со брзина од 25-30 km/h согорува 600 калории, а повеќе од 35 km/h до 950 калории.
- Ги обликувате мускулите
Велосипедистите се познати по добро обликувани нозе. Не е ни чудо со оглед на тоа што со возењето се активираат повеќе мускулни групи. Ги активирате мусулите на потколеницата, на предната и надворешната страна на надколеницата, мускулите на задникот. Покрај тоа за да се одржи правилна положба на телото додека се вози активни се и мускулите на стомакот и на долниот дел од грбот. Не треба да се заборават и мускулите на рацете кои активно се вклучени во активноста на возењето.
- Возењето велосипед дава енергија
Се чувствувате ли уморно и безволно? Истражувањата покажале дека со возењето велосипед се зголемува нивото на енергија за 20 %, а уморот се намалува дури за 65%.
- Ги чува вашите зглобови
Додека го возите велосипедот телото е во седечка положба и за разлика од трчањето не постои стрес на зглобовите на нозете, колената и карлицата. Доста е намалена и опасноста од повреди предизвикани од пренапрегање.
- Чувар на вашето срце
Срцевите заболувања се причина број 1 за смртност во светот. Физичката активност без соменение помага за намалување на крвниот притисок и мастите во крвта што од друга страна го намалува ризикот од развој на срцеви заболувања. Затоа изберете го велосипедот како превозно средство за работа, ако постојано имате изговори дека немате време за вежбање, така ќе придонесете за своето здравје.
- Ако возите велосипед ќе изгледате помладо
Возењето велосипед ќе ви ја раздвижи циркулацијата низ целото тело, ќе овозможи полесна елиминација на штетните материи и поголем доток на кислород до сите клетки. Сетоа тоа допринесува за подобар изглед на кожата. Дополнително физичката активност ќе ве тера да внесувате повеќе вода што исто така има големо влијание на изгледот на кожата.

Избрете го велосипедот пред автомобилот!
Ќе допринесете многу за своето здравје, за околината и за луѓето околу вас. Со возење велосипед не ја загадувате природата, стигнувате брзо таму каде што сте тргнале, заштедувате пари, а притоа многу придонесувате за своето здравје.








