Златни правила како да го забрзате метаболизмот

Споделете со пријателите

Проблемот со забавен метаболизам го имаат голем процент од луѓето. Главната причина за тоа е пред се начинот на живот. Генетиката исто така има удел, но доколку работиме на себе многу лесно можеме да ја надвладееме. Овој проблем е најмногу застапен кај луѓето со вишок килограми кај кои организмот многу споро или подобро кажано неефикасно ги искористува и троши внесените калории. Најчестите причини за забавување на метаболизмот се: лошата исхрана, постојаното седење, недостаток на физичка активност, недостаток на сон и секако годините. За жал како што старееме така прометот на материите низ телото се успорува што резултира со забавување на метаболизмот.

Доколку сакате да им се спротивставите на годините и на метаболизмот, потребно е да внесете одредени промени во вашето живеење.

Weight-Loss-Diet-Plan

Како да го забрзате метаболизмот на природен начин?

1) Внесете промени во исхраната

  • Внесот на повеќе растителни влакна во секојдневната исхрана многу ќе ви помогне. Дневно е потребно да внесуваме од 20-40 g растителни влакна за да го внесеме потребното количество кое е неопходно за одржување на нормално функционирање на системот за варење.
  • Трудете се да јадете свежи салати со секој оброк. Зеленчукот е богат со растителни влакна, затоа внесувајте го во поголеми количини.
  • Јадете барем 2 овошки во текот на денот. Со овошјето сепак бидете внимателни, не претерувајте затоа што содржи многу шеќери.
  • Намалете го внесот на јаглехидрати колку можете, а за таа сметка зголемете го внесот на протеини. Протеините имаат поголем термогенички ефект од јаглехидратите, тоа значи дека телото троши многу повеќе енергија да ги метаболизира протеините отколку јаглехидратите.
  • Внесувајте повеќе ленено семе. Лененото семе изобилува со незаситени масти и слузи кои имаат одилчен ефект врз варењето на храната.
  • Внесете го чија семето во вашето неделно мени. За доручек барем 2 дена во неделата подгответе си пудинг од чиа. Чиа семето е богато со антиоксиданси, омега 3 масни киселини, многу витамини и минерали и исто како и лененото семе изобилува со слузи што допринесува за подобро варење на храната.
  • Секое утро веднаш по будењето пијте чаша вода со сок од лимон.
  • Никогаш не јадете од досада, јадете само кога сте гладни и никако не се прејадувајте. Информацијата за тоа дека сме веќе најадени до мозокот стигнува малку покасно, потребни се 10-15 минути минимум. Јадете споро, убаво џвакајте ја храната и никогаш не јадете до прејадување.

2) Физичката активност е задолжителна

Доволно е три пати во неделата по минимум 45 минути да се занимавате со одредена физичка активност за да го разбудите телото и метаболизмот. Во зависност од вашите способности изберете го оној тип на тренинг кој најмногу ви прилега (пешачење, трчањеаеробикпилатес, зумба, пливање, вежбање во теретана и сл.). Имајте на ум дека луѓето кои имаат повеќе мускула маса многу полесно и поефикасно ги согоруваат внесените калории. Тоа значи дека колку повеќе мускулна маса имате толку повеќе енергија трошите дури и кога не правите ништо.
Вежбањето со тегови не е само за мажи, внесете одредени промени во вашиот тренинг затоа што телото е паметно и многу брзо се навикнува на тоа што го правиме постојано.

3) Внесувајте доволно вода

Водата е неопходна за одвивање на сите физиолошки процеси во организмот. Колку вода ви е потребно зависи од возраста, полот и физичката активност со која се занимавате. Пијте по минимум 2 литри вода дневно. Пијте секогаш кога сте жедни за да го одржите нивото на хидратација во телото. Не посегнувајте по газирани пијалоци и сокови во кои има многу скриени калории.

4) Пијте кафе и зелен чај, но умерено

Кафето и зелениот чај во себе содржат кофеин и имаат голем удел на зголемување на циркулацијата. Иако постојат голем број на дилеми дали е навистина здраво да се пие кафе, сепак кафето е корисно но, во умерени количини. Зелениот чај покрај кофеинот во себе содржи и многу антиоксиданси кои му даваат поддршка на телото во борбата против слободните радикали.

5) Сонот е многу важен

За време на спиењето телото и мозокот се регенерираат. Многу е важно да одите на спиење навреме односно пред полноќ, а да се будите порано.  Во тој период спиењето е најквалитетно затоа што лачењето на хормонот мелатонин, кој го промовира спиењето, во тој период е најголемо. Постојат многу студии со кои е докажано дека сонот и метаболизмот се многу тесно поврзани. Недостатокот од сон го зголемува апетитот и може да влијае на појава на дијабетес тип два.

За крај пробајте да практикувате барем дел од тоа што ви го набројавме и сигурно ќе се чувствувате подобро.

Можеби ќе ве интересира: Утрински напиток за чистење на дебелото црево.

Драгана Младеновска

Аеробик и пилатес инструктор, Сопственик на FitLife Fitness Studio, Магистeр по фармација и диететика.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *