За ладните зимски денови: Топло вариво од леќа и спанаќ

Споделете со пријателите

За денес наместо да подготвите месо за ручек, заменете го со леќа. Протеините од леќата содржат есенцијални аминокиселини и се одлична замена за месо.

Калориски гледано леќата содржи 353 калории во 100 g. Кога се вари има енергетска вредност од 230 калории во 100 g. Леќата содржи и 60 g јаглехидрати (31 грам влакна), 26 g протеини и само 1 g масти.

Од витамините, леќата е богата со витамин Б1 и Б9, а од минералите содржи големи количини на железо, магнезиум, фосфор, манган, цинк и калиум.

Комбинацијата со спанаќ дополнително ја збогатува хранливоста на овој оброк затоа што спанаќот е полн со хранливи материи, вклучувајќи ги железото, калциумот и витаминот А. Тој е исто така богат и со фолна киселина која му помага на телото да создава црвени крвни зрнца. 100 g спанаќ содржи околу 25 калории, околу 500 mg калиум, 100% од дневните потреби за витамин А и 50% од дневните потреби за витамин Ц.

Потребни состојки за 2 порции:

  • 100 g леќа (можете да користите и црвена леќа, таа побрзо се вари од обичната)
  • 150 g спанаќ
  • 1 кромид
  • 2-3 чешниња лук
  • 1 морков
  • малку свеж ѓумбир
  • 3 лажици маслиново масло
  • 100 ml доматно пире
  • сол, црн бибер и малку куркума
  • 1 L вода

Начин на подготовка:

Првин кромидот, морковот, ѓумбирот и лукот ситно исечкајте ги.

Загрејте го маслиновото масло во тавче што не лепи на оган и во него додадете го ситно исечканиот кромид и морков и пржете неколку минути дури не омекнат. Потоа додадете го лукот и ѓумбирот, гответе 2-3 минути па додадете го доматното пире и леќата. Промешајте го сето тоа и додадете ја водата и зачините. Оставете го да се готви на тивок оган дури леќата убаво не омекне. Кога леќата ќе омекне додадете го спанаќот насечкан на поситни парчиња и гответе уште 3-5 минути.

Послужете го ова вариво топло. Можете да го комбинирате со кисело млеко.

Добар апетит!

Драгана Младеновска

Аеробик и пилатес инструктор, Сопственик на FitLife Fitness Studio, Магистeр по фармација и диететика.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *