Незаситените масни киселини се основа за здравјето на срцето и на целиот кардиоваскуларен систем. Помагаат во намалувањето на лошиот холестерол, ја подобруваат функцијата на мозокоти го намалуваат ризикот од згрутчување на крвта. Бидејќи организмот не може сам да ги создаде, потребно е да ги внесуваме преку исхраната.
Лососот е една од храните која е најбогата со омега-3 масни киселини и позитивно влијае врз кардиоваскуларниот и нервниот систем.
Во парче лосос (200 g), има околу 3500 mg омега-3 масни киселини, што ги задоволува потребите за омега-3 за неколку денови. Освен омега-3, со парче лосос ќе внесете 40 g протеини и 100% од дневните потреби за витамин-Б12.
Како предлог за здрав ручек ви предлагаме да подготвите: Филети лосос со пире од грашок на шветски начин. Одличен ручек полн со омега-3 масни киселини, доволно протеини, витимини, минерали и антиоксиданси.
Потребни состојки за 4 лица:
- 4 филети лосос
- 2 супени лажици маслиново масло
- сок од 1/2 лимон
- 1 супена лажица соја сос (по желба)
- 1 мала лажичка вегета
- 400 g замрзнат грашок
- 1 главица кромид со средна големина
- 50 g путер
- 100-200 ml вода
- 1 коцка за супа
- малку лук
- сол и бибер
Начин на подготовка:
За подготовка на филетите лосос првин ќе ја подготвиме маринадата. Во мал сад измешајте го маслиновото масло, вегетата, сокот од лимон и соја сосот доколку го користите. Филетите лосос ставете ги во огноотпорен сад на хартија за печење и потоа врз нив истурете ја маринадата. Оставете ги во фрижидер минимум 1 час и потоа ставете ги да се печат на 200ºС околу 20 минути.
За подготовка на пирето од грашок првин ситно исечкајте го кромидот и ставете го во тавче за пржење заедно со путерот. Пржете дури не омекне. Потоа додадете го грашокот и пропржете 1-2 мунути, па налејте ја водата и ставете ја коцката за супа. Оствате го да се вари на тивко 20-30 минути. Потоа зачинете по желба и испасирајте го со алатка за пире или со блендер.
На крај сервирајте ги филетите лосос со пирето од грашок и декорирајте со свежи листови рукола.
На здравје!!!








