Ќофтиња од тиквица и овесни снегулки

Споделете со пријателите

Што мислите за една интересна варијанта на ќофтиња со тиквица и овесни снегулки?

За тоа колку се вкусни не би дискутирале, затоа што ќе се уверите ако се одлучите да ги подготвите. Во комбинација со салата, овие ќофтиња можат да бидат одличен и здрав нискокалоричен ручек. Еве кои состојки ќе ви бидат потребни:

  • 1 тиквица со средна големина
  • 1 мала главица кромид
  • 2-3 чешниња лук
  • 1 јајце
  • 1-2 супени лажици маслиново масло
  • 2-3 лажици овесни снегулки
  • сол, бибер и оригано (по желба)

234

Начин на подготовка:

Тиквицата измијте ја убаво и изрендајте ја, потоа посолете ја со сол и оставете ја да пушти вода. Водата убаво истискајте ја преку цеделка, а потоа ставете ја изренданата тиквица во подлабок сад.

Во садот со тиквицата изрендајте го кромидот, насечкајте го лукот на ситно, додадете го јацето, маслиновото масло, зачините и убаво промешајте. Кога убаво ќе размешате додадете ги овесните снегулки, но додавајте полека лажица по лажица, дури можете да чекате по 2-3 мин за овесот да впие дел од водата. Доколку ви остане повеќе вода во тиквицата можеби ќе биде потребно да додадете и повеќе од 2-3 супени лажици овесни снегулки.

Кога смесата ќе стане густа и ќе може да се обликува направете топчиња и ставете ги во тавче на хартија за печење. Печете ги околу 30 минути на 250ºС, но проверувајте да не ви изгорат.

Освен печени можете и да ги пржите во тава која не лепи со многу малку масло. Но, за тоа одлучете сами, и на едниот и на другиот начин секако се превкусни.

Одлично се комбинираат со зелена салата од марула, рукола, спанаќ и чери домати.

Добар апетит!!!

Драгана Младеновска

Аеробик и пилатес инструктор, Сопственик на FitLife Fitness Studio, Магистeр по фармација и диететика.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *