10 предлози за baby вечера (10+)

Споделете со пријателите

Идеи за оброци на мајките секогаш им фалат затоа се надевам дека оваа листа ќе им биде од помош на оние мајки кои им спремаат домашни оброци на своите малечки.

Мене искрено понекогаш баш ми е тешко што ново и вкусно да дадам, сакам Ана да внесува разновиди и здрави оброци кои ќе бидат полни со сите микро и макронутритиенти.

Оваа е мојата листа од оброци кои најчесто ни се вртат за вечера.

  1. Печена тиква/јаболка со цимет и овесни снегулки

Тиквата и јаболката можете да ги печете во рерна покриени со фолија на пониска температура за убаво да омекнат или пак да ги подготвите на пареа. Кога ќе бидат готови со виљушка изгмечете ги и додадете ги овесни снегулки кои претходно малку сте ги накиснале во некој природен сок. Јас најчесто користам од јаболка без шеќер (домашен).

На крај наросете малку цимет. Превкусно е! Сигурно вашето бебе ќе го обожава овој оброк.

  1. Макарони со путер, моцарела (без сол) и кисело млеко

Јас користам интегрални макарони од Биокосмос (на сликата подолу ќе видите кои се), меки се и Ана може без проблем да ги џвака, а и многу брзо се варат. Моцарелата ја рендам на најситно и ја додавам во макароните, додавам и малку путер и 2 лажици кисело млеко.

Ова и е една од омилените комбинации. Истото може да го направите и со палента.

  1. Палента со доматен сос, урда и босилек

Палентата ја варам на стандарден начин (2 лажици палента варам со вода). Палента користам од ДМ (ќе ја видите на сликата точно која е, околу 100 денари е мислам).

Еден домат го лупам и го ставам во блендер, се добива течно доматно пире кое го ставам во тавче на оган да му испари водата. На крај го додавам во садот со палентата, додавам малку урда и наросувам босилек . Вечерата е вистинско уживање!

  1. Домашно лепче со путер, домашен марамалад без шеќер и ½ банана

Домашното лепче го подготвува мајка ми, го прави со мешавина од интегрални брашна и си го чувам во замрзнувач, па одвреме-навреме кога ми треба за Ана си одмрзнувам. И мачкам мало парче леб со путер и домашен марамалад од сливи без шеќер. Ова го комбинираме со некое овошје како банана, понекогаш крушка, а летово многу често и со праска.

  1. Овошен јогурт од банана/боровинки и гриз

3 лажици кисело млеко (јас користам Алпско) го блендирам со банана и боровинки (имам природни замрзнати во фрижидер). За поголема хранливост додавам 1 лажица сварен гриз, а понекогаш и овесни снегулки. Наместо боровинки можете да додадете било кое друго овошје.

  1. Омлет со урда, жолчка, лепче и домат

Ана обожава омлет, откако и воведов жолчка многу често и го давам овој оброк. И го давам понекогаш и за појадок.

1 лажица урда ставам на тавче што не лепи и додавам жолчка. Омлетот и го комбинирам со лепче и домат. Обожава домат, понекогаш и го рендам, но го сака и на парченца. Лепче со ова јаде многу малку, но сепак и нудам неколку залчиња. Битно ми е да ја изеде жолчката која е полна со протеини и масти кои и се неопходни за раст и развој.

  1. Baby Проја со кисело млеко

Пред некој ден имав стори од рецептот за baby проја, за да не го пишувам еве ја сликата подолу. Совршена е, не само за бебе туку и за мама и тато. Ана ја обожава со кисело млеко.

  1. Палачинка со овесни снегулки, жолчка и банана во комбинација со овошно пире од јаболка

1 банана, малку путер стопен на пареа, 1 жолчка, 3-4 лажици мелени овесни снегулки и еве палачинки. Ги печам на нелепливо тавче. И ги давам секој пат со различно пире. Ги обожава со рендано јаболко или крушка, но и со џем од сливи. Ова и го давам понекогаш и за појадок.

  1. Пудинг од просо

3 лажици просо претходно киснато во вода ги варам дури просото целосно не омекне. Потоа во блендер додавам ½ банана, просото, малку замрзнати вишни или пак некое друго овошје кое е во сезона. Се добива одличен пудинг во кој Ана навистина ужива.

  1. Варен компир со жолчка и путер

Варам еден компир со среда големина или два помали, јајцето го варам, па ја одделувам жолчката од белката и ја додавам во садот со компирите. Пасирам се заедно со виљушка и одозгора додавам малку путер стопен на пареа.


Се надевам дека овие предлози ќе ви дадат идеи за вечера за вашите малечки. Секако со намирниците можете “да си играте” во зависност од сезоната и годишното време. Овој период Ана најмногу јаде тиква, јаболка, круши и сливи. Летниот период уживаше во праски, кајсии, цреши. Се трудам да ја хранам со сезонски намирници од нашето поднебје. Овошјето, зеленчукот, јајцата и месото што и ги давам секогаш се од познат извор.

Ја имам среќата да имам домашни производи од моето родно Берово, мајка ми во двор има засадено од се по малку, но сосема доволно за Ана. Јајца и месо исто така купувам домашни од Беровo.

Други рецепти за бебе можете да пронајдете тука.

Драгана Младеновска

Аеробик и пилатес инструктор, Сопственик на FitLife Fitness Studio, Магистeр по фармација и диететика.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *