Топлите денови бараат да внесуваме што е можно повеќе свежа храна и течности. Тешките и мрсни јадења не се многу препорачливи. Бидејќи палетата на зеленчуци во лето е најголема, ви даваме 3 предлози за здрави, лесни и неодоливи летни салата подготвени од сезонски зеленчуци. Овие салати можат да ви бидат замена за еден оброк во денот.
Домати со моцарела и босилек
Потребни состојки:
- 2 домати
- неколку листови свеж босилек
- 1 парче моцарела (околу 50 g)
- 1 лажичка маслиново масло
- малку сол.
Начин на подготовка:
Насечкајте го на парченца и доматот и моцарелата и измешајте ги заедно со свежиот босилек. Попрскајте со маслиново масло и наросете сосема малку сол.
Шопска на поинаков начин
Потребни состојки:
- 1 домат
- 1 краставица
- 1 пиперка
- 1 кромид
- 2 лажици варена киноа
- 1 лажичка маслиново масло
- малку сол.
Начин на подготовка:
Насечкајте го зеленчукот на парченца и измешајте се заедно. Одозгора додадете ги двете лажици киноа и попрскајте со маслиновото масло и наросете сосема малку сол.
Витаминска салата со семиња
Потребни состојки:
- малку млада свежа зелка
- 1 морков
- 1 цвекло
- малку свеж млад лук
- 1 лажичка сусам
- 1 лажичка ленено семе
- 1 лажичка сок од цеден лимон
- 1 лажичка маслиново масло
- малку сол.
Начин на подготовка:
Зелката ситно насечкајте ја, а морковот и цвеклото изрендајте ги. Лукчето исто така ситно насечкајте го и додадете го во садот со зеленчукот. Маслото ставете го во тавче што не лепи и додадете ги ленот и сусамот и сосема кратко запржете ги. На крај истурете ги во садот со салата, додадете малку лимонов сок и посолете.
На здравје!
Аеробик и пилатес инструктор, Сопственик на FitLife Fitness Studio, Магистeр по фармација и диететика.